Сончогледот е супер храна за целото семејство

Сончогледот е супер храна за целото семејство

Сместен меѓу 20-те намирници кои со својот состав штитат од карцином, семето од сончоглед го носи името на супер храна.

Сончогледот е едно од првите растенија кои се одгледувале на американскиот континент. Индијанците од Мексико и Перу го одгледувале пред повеќе од 5000 години.

Хранлив состав и лековити својства на семето од сончоглед

Сончогледот е извор на многу хранливи состојки кои се корисни за здравјето. Богат е со витамините Б1, Б3, Е и бета каротин. Од минералите содржи: магнезиум, бакар, цинк, селен, манган, калциум, фосфор, натриум, калиум и железо. Можеби ќе се изненадите, но сончогледот е одличен извор на протеини. Содржи повеќе од 20% протеини, кои се изградени од есенцијални аминокиселини. Овие аминокиселини се од суштинско значење за правилен раст и развој на организмот.

сончоглед

Тој е извор на полинезаситени омега 6 масни киселини кои организмот не може да ги синтетизира, па мора да се внесуваат преку храната. Фитостеролите кои ги содржи сончогледовото семе помагаат за намалување на холестеролот во крвта, а тоа го прави исклучително здрава намирница. Покрај тоа, треба да се споменат растителните влакна и познатите антиоксиданси како витаминот Е и селенот, кои ги има во сончогледот.

Благодарение на изобилството на хранливи состојки, тој се препорачува во превенција на кардиоваскуларни и малигни заболувања. Доколку кожата ви е сува или имате егзема, може да користите масло од сончоглед. Тоа ја хидрира и ја штити кожата како резултат на присуството на линонлата масна киселина, витаминот Е и протеините.

Ако сте под стрес грицкајте сончоглед

Ако сте под стрес, наместо да јадете нездрава храна, изберете семки од сончоглед. Тој е одличен избор при нервоза, инфекции, а го забавува стареењето на организмот. Особено е корисен кај учениците и студентите за време на тестови и полагања.

Како може да се консумира семето од сончоглед?

Една супена лажица семе од сончоглед на ден ги задоволува потребните дневни потреби на организмот за витамин Е. Семките од сончоглед може да се консумираат како грицки, да се додаваат во салати, мусли, палента, ориз, сендвичи или во тесто за леб, погачи и кифли. Добро се комбинира со семе од тиква, сусам и лен. Ако кратко ги потпечете во сува тава ќе добиете вистински деликатес.

Како резултат на неправилното чување, сончогледот може да се распие, па треба да се чува на темно место во добро затворен стаклен сад.

Ви предлагаме да прочитате: Посни грицки со сончоглед и сусам.

Сподели: