Има начин да уживаме во вкусот на медитеранот и разните зеленчуци во ладните зимски денови. Рецептов за туршија на медитерански начин нуди повеќе можности, па веруваме дека во неа ќе има нешто добро за вкусот на секој од нас.
Ќе се запрашате зошто е тоа така, нели? Затоа што сами го избираме зеленчукот кој сакаме да го имаме преку целата година. Може да биде мешавина од карфиол, моркови, брокула, пиперки, краставички, бамја и слично. Останува на вас да изберете она што го сакате!

Рецептот за туршија на медитерански начин е следниот:
Состојки:
- 8 кг мешан зеленчук
- 5 литри ладна вода
- 1 литар алкохолна киселина
- 7 лажици шеќер
- 7 лажици сол
- 40 гр винобран
- црн пипер во зрна
- ловоров лист, а за замена може и друг зачин по ваш вкус (копар, магдонос).
Подготовка:
- Зеленчукот измијте го добро, исчистете го соодветно и по потреба исечете го на парчиња.
- Така припремен, редете го во поголем пластичен сад или поголеми тегли кои треба да се суви.
- При редењето на зеленчукот, повремено посипете од зрната црн пипер и од ловоровиот лист или зачинот кој сте го избрале.
- Во поголем сад направете го преливот. Во ладната вода турете ги киселината, солта, шеќерот и винобранот. Убаво измешајте и чекајте состојките да се растопат.
- Преливот турете го врз зеленчукот, полека и внимателно за да стигне до секое парче.
- Добро затворете го садот или теглите и оставете да стои на суво и ладно место.
Туршијата ќе може да ја пробате за 2-3 недели, а зеленчукот ќе остане цврст и крцкав до наредната сезона. За да биде тоа така без грешка, препорачуваме да го исполните единствениот услов и да употребите зеленчук кој е здрав, цврст и квалитетен. На здравје!
Забелешка: Кај туршијата приготвена на медитерански начин е интересно што доколку некоја намирница брзо се потроши, по желба може да додадете уште во истиот сад, па дури и во текот на зимата.
Ви препорачуваме да прочитате: Медицинска салата.