Киселите краставички во тегли, припремени на овој начин, многу наликуваат на оние што се продаваат, а пак ако одгледувате или си купите ситни малечки краставички, во тој случај веќе ќе имате прва класа, домашни корнишони.
Ние секоја година правиме по 20 тегли со кисели краставички, кои се крцкави, вкусни и не содржат конзерванси. Количината на состојките во рецептот е по желба, во зависност од краставичките кои ги имате на располагање. Просечно за една тегла, потребни ви се 10 мали краставички.

Состојки:
- корнишони (количина е по желба)
- сол
- шеќер
- есенција
- црн пипер во зрно
- гранчиња од сушен копар.
Подготовка:
- Корнишоните добро се мијат и се редат во тегли.
- Во секоја тегла се става 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка есенција, 5-6 зрна пипер и неколку гранчиња копар. Во теглите се дополнува вода и се затвораат.
- Вака подготвените тегли ги виткаме со хартија и ги редиме во шерпа на оган. Во шерпата налеваме вода, за да ги покрие теглите и оставаме да зоврие водата. Откако ќе зоврие водата, вариме уште 5 минути на тивок оган.
- Шерпата ја тргаме од оган и оставаме да се излади за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ. Наредниот ден, теглите со кисели краставички ги вадиме, ја отстрануваме хартијата и ги редиме кон останатата зимница. Готовите кисели краставички може да ги дегустирате веднаш. На здравје!