Го обожавате вкусот на јаболката, но не знаете каков десерт да подготвите? Нашата пријателка Славица ни сподели одличен рецепт. Фритули со јаболко кои се неверојатно вкусни и ароматични, а подготовката е лесна и едноставна. Со брз рецепт и малку вештина ќе имате вкусно слатко задоволство со кое сите ќе ги изненадите.
Незаменлив вкус и мирис за ладните врнежливи денови. Одличен десерт кој ќе ве освои на прв залак. Направете фритули со јаболко и почастете се со семејството и пријателите.

Состојки:
- 200 г кисело млеко
- 1 јајце
- 2 лажици шеќер
- прстофат сол
- 1 ванилин шеќер
- 1 лажица рум или ракија
- 300-350 г брашно
- 1 прашок за печиво
- 1 јаболко (средна големина)
- масло за пржење.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги киселото млеко, јајцето, шеќерот, солта, ванилиниот шеќер и румот и изматете ги. Потоа, додајте 200 г брашно и прашакот за печиво. Миксирајте за да добиете хомогена смеса. Јаболкото изрендајте го и додајте го во смесата. По потреба додавајте од брашното за да добиете средно густа смеса.
- Во подлабок сад ставете поголема количина на масло. Фритулите не треба да го допираат дното, туку треба да лебдат во маслото.
- Загрејте го маслото на средна температура. Ако маслото е премногу жешко, фритулите брзо ќе потемнат и ќе изгорат. Со помош на дрвена лажица проверете дали е доволно загреано маслото (околу лажицата треба да се формираат мали меурчиња).
- Со лажичка, претходно намачкана со масло, земајте од смесата и ставајте ја да се пржи. Превртувајте ги од сите страни додека да поруменат.
- Испржените фритули извадете ги на хартија за да се впие маснотијата.
- Декорирајте ги со растопено чоколадо и шеќер во прав и послужете ги. На здравје!
Совети од авторот:
- Количината на брашно зависи од големината и сочноста на јаболкото.
- Фритулите може да ги послужите и со мед, мармалад или џем по желба.
Автор на рецепт: Славица Атанасовска.
Ви предлагаме да прочитате: Палачинки со фил од јаболка.