Хроно исхраната е многу популарна во последно време, па одлучивме да споделиме испробан рецепт од наша драга пријателка. Овој хроно леб со спанаќ, сирење и семиња е одличен било да се придржувате на некој режим на исхрана или едноставно сакате здраво да се храните.
Како и да е, колку и да е здрава некоја храна, доколку остава впечаток дека е невкусна, може да биде причина за да ја избегнуваме, посебно ако станува збор за „диета“ веднаш се јавува одбивност и мачење, наместо уживање во јадењето. Она што е важно за овој хроно леб, е што потполно ќе уживате во неговиот вкус, а лесно можете да го спакувате и да го понесете на работа или било каде што ќе одлучите.

Состојки:
- 2 јајца
- 1 шолја ржано брашно
- 1 шолја јачменово брашно
- 1 шолја вода (може и минерална вода)
- 1/2 шолја масло
- 1/2 лажичка сол
- 1 кесичка прашок за печиво
- половина шолја обарен спанаќ (може да додадете или одземете по желба)
- околу 100-150 гр сирење
- 1 лажичка чиа семе
- сусам по потреба.
Подготовка:
- Прво изматете ги јајцата, па додајте го прашокот за печиво, солта, минералната вода, јачменовото и ржаното брашно.
- Додајте го маслото и измешајте добро.
- Додајте ги иситнетото сирење, спанаќот, чиа семето и повторно измешајте.
- Земете поголем плех и обложете го со хартија за печење.
- Смесата турете ја во плехот, а одозгора посипете со сусам. Печете во претходно загреана рерна на 220 степени, за време од околу 20 минути.
На здравје!
Рецептот го испрати: Наташа Ј.
Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за бесквасен леб.