Омилена на многумина! За списанието Добра Храна, нашата уредничка Марија приготви Цезар салата со пилешко месо која е подеднакво вкусна како и оригиналната, но содржи помалку калории и повеќе хранливи состојки. А баш вака најмногу ја обожаваме, со домашно приготвено месо, печен леб и вкусен сос.
Во топлите денови секогаш посегнуваме по помалку калорична храна, па затоа направете ја оваа Цезар „Light“ салата. Може да ја послужите како главен оброк за ручек или вечера. Наведените состојки се доволни за две големи порции.

Состојки:
- 1 зелена салата Ајсберг
- 300 грама пилешко бело месо
- 4 парчиња интегрален леб
- 2 варени јајца
- 1 домат
- 100 грама кашкавал или 2 лажици рендан пармезан по избор
- маслиново масло по потреба
- мешан зачин по потреба
- оригано
- 100 мл кисела павлака со 15% на масти
- 4 лажици мајонез со помал процент на масти
- сол и мелен црн пипер по потреба.
Подготовка:
- Пилешкото бело месо исечете го на ленти со ширина од 1,5 см. Зачинете го со мешан зачин и додајте малку маслиново масло. Оставете го месото во маринадата за време од 30 минути.
- Во меѓувреме, зелената салата исечете ја на парчиња.
- Парчињата леб премачкајте ги со маслиново масло, посолете ги и зачинете ги со оригано. Ставете ги во тостер да се печат или пак наредете ги во тава и испечете ги во загреана рерна на 250 степени. Печените парчиња леб исечете ги на коцки.
- Варените јајца исечете ги на четвртини, а доматот исечете го на осмини.
- На оган ставете нелеплива тава да се загрее. Во тавата додајте малку масло и ставете го месото да се пече. Печете го 3 до 4 минути од едната страна, а потоа превртете го и печете го уште 2 до 3 минути, додека порумени.
- Во длабок сад ставете ја киселата павлака и додајте го мајонезот. Зачинете со сол и мелен црн пипер.
- Во чиниите ставете малку сос, додајте ја сечканата зелена салата, коцките печен леб и пилешкото месо. Странично поставете ги парчињата домати и варените јајца. На крај додајте сечкан кашкавал или пармезан по желба.
- Преостанатиот сос ставете го во сад и послужете го заедно со салата. Уживајте во фантастичниот вкус со „Сѐ за храна“!

Ви предлагаме да прочитате: Најдобриот рецепт за цезар салата со пилешко месо.