Целувки со јагоди и крем

Обожаваме целувки, а кога сме во Крушево не ја пропуштаме шансата да си купиме од овие традиционални колачиња кои се одлика на крушевскиот крај. Истите можат и дома да се приготват по проверен рецепт, но најважно при нивната подготовка е начинот на печење, односно сушење на ниска температура. Во овие пролетни денови можете да се освежите со убавата комбинација на целувки со јагоди и крем од слатката павлака.

Предлогот ни доаѓа од Лана, која вели дека освен со јагоди може да се направат и комбинираат и со друго сезонско овошје. Состојките за подготовка се едноставни, па ако имате слободно време и сакате да приготвите лесен, летен рецепт, ова е совршен предлог.

целувки со јагоди

Состојки:

  • 2 белки
  • 100 грама шеќер
  • малку лимонов сок.

Фил:

  • 200 мл слатка павлака
  • 2 лажици шеќер
  • 100 мл кисела павлака
  • јагоди или друго свежо овошје по желба
  • сечкани фстаци за декорација.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги белките. Матете ги со миксер и постепено додавајте го шеќерот. Изматете ги во цврст шлаг. На крајот додајте малку лимонов сок.
  2. Смесата ставете ја во готварски шприц. Плехот обложете го со хартија за печење и формирајте 10 до 12 големи целувки. Средината на целувките малку притиснете ја со лажица за да направите мала вдлабнатина.
  3. Рерната загрејте ја на 180 степени. Ставете го плехот и намалете ја температурата на 100 степени. Целувките печете ги за време од 30 до 40 минути. На крајот од печењето, исклучете ја рерната. Оставете ги целувките додека рерната целосно се излади.
  4. Додека целувките се печат, направете го филот: изматете ја слатката павлака како шлаг, додајте малку шеќер и кисела павлака. Внимателно измешајте и наполнете ги изладените целувки.
  5. Декорирајте со сечкани јагоди и наросете фстаци по желба. Готовите целувки со јагоди и крем послужете ги веднаш. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Едноставен рецепт за целувки (пуслици).

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: