Имаме нов рецепт за чоколадна интегрална торта, приготвена во нашата кујна! Особено ќе им се допадне на сите љубители на здравите рецепти, затоа што е направена со кафеав шеќер, интегрално брашно и брусница.
Исто така им ја препорачуваме на сите мајки и баби кои сакаат да приготват нешто здраво за нивните деца и внуци. Едноставна, здрава и вкусна!

Состојки:
- 3 јајца
- 5 лажици кафеав шеќер
- 1 мала лажичка ексктакт од ванила или една ќесичка ванилин шеќер
- 5 лажици интергрално брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 2 лажици чоколадно какао
- 2 лажици вода
- 50 гр брусница.
Подготовка:
- Рерната пуштете ја да се загрева на 220 степени.
- Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
- Брашното ставете го во длабок сад и измешајте го со прашокот за печиво. Потоа додајте го какаото и измешајте.
- Земете сито или цедилка и врз неа ставете од смесата со брашното. Исејте ја врз садот со матените јајца. Оваа постапка е важна за да се добие убава чоколадна смеса без грутчиња. Со лажица измешајте ја смесата и додајте ја водата и екстрактот од ванила. Измешајте и додајте ја брусницата.
- Тавата (големина 26) обложете ја со хартија за печење, а потоа турете ја смесата и израмнете ја. Потоа наросете ја со кафеав шеќер.
- Во загреаната рерна ставете ја тортата да се печи за време од 15 до 20 минути. Штом тортата е готова (проверете со чепкалка), извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Потоа, изладената чоколадна интегрална торта исечете ја парчиња и послужете ја. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Интегрална посна торта со јаболка.