Брза чорба од црвена леќа со пршута

Вкусните и лесни чорби ни се омилени кога сакаме да јадеме нешто здраво, а не многу комплицирано за подготовка. Тие се совршен избор за здрав оброк и во лето и во зима. Изобилуваат со хранливи состојки, па се целосен оброк и го снабдуваат организмот со сè што му треба. Наш денешен избор е чорба од црвена леќа и пршута, рецепт кој го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана и многу ни се допадна.

Црвената леќа има низок гликемиски индекс, а изобилува со железо, магнезиум и фолна киселина, па ја подобрува крвната слика и помага при анемија. Таа е вистинска протеинска бомба, топи маснотии, ја подобрува работата на срцето, функцијата на дигестивниот систем, дава енергија и помага во регулирањето на телесната тежина. Затоа, црвената леќа е одличен избор за здрав оброк кој ќе го обезбеди нашиот организам со сите потребни хранливи материи.

брза чорба од црвена леќа со пршута

Состојки:

  • 1 чаша црвена леќа
  • 1 главица кромид
  • 50 г пршута
  • 1 морков
  • малку целер
  • 1 чешне лук
  • сол по вкус
  • црн пипер во зрно по вкус
  • магдонос по желба
  • ловоров лист по желба
  • 1 до 1, 5 л вода.

Подготовка:

  1. Леќата добро измијте ја и оставете ја потопена во сад со ладна вода додека ги подготвите останатите состојки. Црвената леќа се вари многу брзо, па не мора да стои долго потопена во водата. Доколку наместо црвена леќа користите некоја друга сорта, тогаш истата треба да стои подолго време потопена во вода, најдобро од вечер со цел да се зготви побрзо.
  2. На малку масло запржете коцки пршута за да испуштат пријатна арома.
  3. Додајте сечкан кромид и кратко запржете го додека стане стаклест и проѕирен. Потоа, додајте го морковот исечкан на ситни коцки и цело чешне лук со цел да даде пријатна арома и вкус на чорбата.
  4. Заедно кратко запржете ги сите состојки, а потоа додајте ја леќата и турете околу 1-1,5 литри топла вода.
  5. Посолете по вкус и додајте неколку зрна црн пипер и ливче ловоров лист.
  6. Вака подготвената леќа варете ја околу 15 до 20 минути или додека леќата омекне. Таа ќе распука и ќе се згусти, па во чорбата не треба да додавате брашно.
  7. Готовата чорба од црвена леќа зачинете ја со сечкан магдонос и послужете ја топла. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Посни печени плескавици од црвена леќа.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: