чизкејк

Едноставен рецепт за популарната чизкејк торта

Светски популарниот чизкејк, станува омилен и кај нас. Ние го обожаваме и често го подготвуваме, бидејќи се прави брзо и лесно. Иако подготовката на чизкејк бара одредена умешност, сепак ќе се снајдат и оние со помало искуство во кујната, со помош на нашиот едноставен и испробан рецепт за чизкејк торта. Следете ги нашите совети и во овие топли пролетни денови засладете се со вкусна чизкејк торта.

Чизкејк тортата претставува иделен десерт за било која пригода, а особено за некои специјални прилики кога сакате да ги изненадите своите драги со неодолив вкус кој освојува. Овој десерт покрај што има нежен и совршен вкус, исто така е и многу декоративен. Претставува и совршен поклон за вашите сакани личности. Доколку на некој ваш близок пријател му се ближи роденден, ова е одличен поклон со кој сигурно пријатно ќе го изненадите. Без печење и комплицирани состојки до супер вкусен десерт!

чизкејк

Состојки:

  • 125 г путер или маргарин
  • 100 г шеќер во прав
  • 300 г мелени бисквити
  • 120 мл сок од портокал (може да користите свежо цеден или готов по вкус).

За фил:

  • 400 г крем сирење
  • 150 г шеќер во прав
  • 500 мл слатка павлака
  • 180 г павлака со 20% млечна маст
  • 1 ќесичка желатин
  • 50 мл вода.

За прелив:

  • 300 г мешано овошје (јагоди, боровинки, вишни, аронија)
  • 400 мл вода
  • 100 г шеќер
  • 1 ќесичка желатин.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ја подлогата, односно кората за чизкејк. Во длабок сад изматете ги путерот и шеќерот во прав.
  2. Откако добро ќе ги изматите, додајте ги мелените бисквити. На крај додајте го сокот од портокал и продолжете со мешање додека смесата се соедини.
  3. Вака подготвената смеса префрлете ја во калап за чизкејк и рамномерно распоредете го притискајќи го со прсти или лажица така што ќе се формира кора.
  4. Подготвената кора ставете ја во фрижидер за добро да се стегне, а во меѓувреме подгответе го филот.
  5. Најпрво желатинот прелијте го со 50 мл ладна вода и оставете го да набабри.
  6. Во длабок сад за матење измешајте ги крем сирењето и шеќерот во прав. Мешајте со нежни движења на раката и не користете миксер, бидејќи сирењето ќе се растопи и нема да ја има посакуваната густина.
  7. Слатката павлака изматете ја во посебен сад, па додајте ја во крем сирењето и повторно со нежно мешање соединете ги сите состојки.
  8. На крај додајте ја и павлаката и повторно се нежно промешајте.
  9. Набабрениот желатин загрејте го неколку секунди во микробранова печка или на шпорет. Растопениот желатин додајте го во преостанатиот фил и измешајте.
  10. Врз бисквитната подлога нанесете го филот. Калапот ставете го во фрижидер за се добро да се стегни тортата, најмалку 3 часа.
  11. Во мал сад ставете го желатинот и додајте 100 мл ладна вода. Измешајте го и оставете го да набабри.
  12. Во тенџере на оган ставете ги овошјето, шеќерот и преостанатата вода. Овошјето варете го 3 до 5 минути, а потоа тргнете го од оган и додајте го желатинот. Измешајте за да се растопи желатинот и оставете го преливот да се излади кратко околу 5 до 10 минути. Со помош на голема лажица преливот внимателно ставете го во калапот. Тортата вратете ја во фрижидер и оставете ја да се лади уште 3 до 4 часа. На здравје!

Наша препорака:

Чизкејк тортата може да ја направите со чоколадни бисквити. Така ќе добиете супер вкус на чоколадо, кремаста ванила и ароматично овошје.

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадна чизкејк торта.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: