медени интегрални срца

Едноставни и лесни медени интегрални срца

Ако долго време нѐ следите ќе знаете дека сме големи обожаватели на едноставните и лесни рецепти. И не самo ние! Нашите автори се големи креативци во кујната, па од неколку состојки знаат да направат супер вкусни рецепти. Така и овој пат, нашата драга Катерина со само 6 состојки направи медени интегрални срца.

Овие вкусни колачиња совршено би се вклопиле на сечија трпеза, со чаша чај или кафе. Пробајте ги, нема да погрешите!

медени интегрални срца

Состојки:

  • 200 гр интегрално пченично брашно
  • 80 гр мед
  • 1 јајце
  • 3 лажици масло
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • ½ ќесичка прашок за печиво.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го јајцето и додајте го медот. Со лажица измешајте ги јајцето со медот.
  2. Ванилиниот шеќер, брашното и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги со лажица.
  3. Во садот со јајцето додајте ги маслото и смесата со брашно. Измешајте со лажица, а потоа продолжете со месење.
  4. Тестото завиткајте го во најлонска фолија и оставете го за време од 20-30 минути.
  5. Земете хартија за печење и исечете два еднакви правоаголни дела.
  6. Едниот лист ставете го на работната маса и поросете го со брашно. Потоа ставете го тестото. Врз тестото ставете го вториот лист. Со помош на сукало исучете кора со дебелина од 5 до 7 мм. Отстранете го горниот лист од тестото и со калап во форма на срце исечете ги бисквитите.
  7. Колачињата наредете ги во намрсен плех или тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 180 степени за време од 10 минути.
  8. Печените медени интегрални срца оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги со чај или кафе. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Полнети медени чоколадни срца.

Сподели: