Испробан рецепт за домашни тулумби 1

Испробан рецепт за домашни тулумби

Ако ви е потребен сигурен и испробан рецепт за домашни тулумби кој нема да ги изневери вашите очекувања, вие сте на право место. Навистина се сочни, а вкусот е традиционален и исклучително добар.

Овој рецепт сме го правеле многу пати во нашата кујна и секогаш сме добивале тулумби кои се јадат експресно брзо. Убави се за разни фамилијарни пригоди, мали собири и разни поводи. Интересно за овој рецепт е што може да го направи секој, а што е најважно, тулумбите излегуваат без грешка!

domasni tulumbi 2

Состојки:

  • 400 гр брашно
  • 650 мл вода
  • 100 мл масло
  • 4 јајца
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • масло за пржење по потреба.

За шербет:

  • 650 мл вода
  • 600 гр шеќер
  • цеден сок од половина лимон.

Подготовка:

  1. Најпрво направете го шербетот. Водата и шеќерот ставете ги во сад на оган да зовријат и оставете шербетот да се вари за време од 15 минути. Пред да го тргните шербетот од оган, додајте го цедениот сок од лимон. Тенџерето со шербетот тргнете го од огнот и оставете го убаво да се излади.
  2. Додека шербетот се лади, направете ги тулумбите. Во тенџере на оган, ставете ги водата, маслото и оставете да зовријат.
  3. Штом течноста зоврие, тенџерето тргнете го од оган. Постепено додавајте го брашното и континуирано мешајте додека смесата убаво се изедначи. Потоа, оставете го тестото да се излади.
  4. Откако тестото потполно ќе се излади, додавајте ги јајцата едно по едно. При додавањето на секое јајце важно е смесата постојано и убаво да се измеша (можи и со миксер, со маталки за тесто). На крајот се додава и прашокот за печиво по што повторно убаво се меша.
  5. Во тенџере или подлабока тава ставете поголема колична масло да се загрее.
  6. Смесата ставете ја во калап или шприц за тулумби. Во добро загреаното, но не врело масло ставете ги тулумбите да се пржат додека добијат убава златеста боја.
  7. На крај, секоја од топлите тулумби, како што излегува од пржење, веднаш потопете ја во ладниот шербет, но не задржувајте ја долго во шербетот, туку извадете ја и оставете ја во друг сад. Постапката повторете ја со сите тулумби. На овој начин, ќе имате доволно сочни тулумби со убава форма и сјаен лик. Откако се изладат се спремни за сервирање.

На здравје!

Сподели: