Италијанска пита – кростата со џем од јагоди

Кој може да одолее на вкусна, крцкава и ароматична пита со џем од јагоди? Кростатата е наша омилена италијанска слатка пита. Имавме можност да ја дегустираме при патување во Италија, а бидејќи ни се допадна многу, се потрудивме да најдеме испробан италијански рецепт за ова слатко ремек дело. Ако имате малку време, не двоумете се и пробајте ја популарната кростата со џем од јагоди.  

Интересно е што оваа слатка пита, традиционално се служи за појадок со чаша топло капучино, но добро одговара и со утринското црно кафе или чај. А, со сигурност пријатно ќе ги изненади и вашите гости. Ако досега не сте се осмелиле да направите пита од ваков тип, плашејќи се дека постапката за нејзина подготовка е тешка и комплицирана, ние имаме многу лесен рецепт. Пробајте го и уверете се!

кростата со џем од јагоди

Состојки:

  • 3½ чаша брашно
  • 1 чаша шеќер
  • 2 лажички прашок за печиво
  • 2 јајца
  • 2 жолчки
  • 1¼ чаша путер на собна температура
  • рендана кора од 1 лимон
  • 1¼ чаша џем од јагоди.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги брашното, шеќерот и прашокот за печиво. Измешајте ги со лажица за да се соединат.
  2. Во садот додајте ги кората од лимон, путерот, јајцата и жолчките од јајца. Добро изматете со миксер (со маталки за тесто) додека тестото почне да се соединува. Доколку немате миксер, тестото изместете го рака. Вака замесеното тесто обликувајте го во форма на топка, завиткајте го во најлонска фолија и ставете го во фрижидер за време од 1 час.
  3. Потоа извадете ¼ од тестото. Останатото тесто ставете го врз добро набрашнета работна маса и со помош на дебело сукало развлечете го во тенка кора со дебелина од 3 до 5 мм. Вака подготвеното тесто ставете го во тава за печење на тарт (пита).
  4. Питата премачкајте ја со џемот од јагоди.
  5. Преостанатото тесто исучете го во форма на правоаголник и исечете ленти со еднаква ширина. Лентите наредете ги врз питата во форма на решетка.
  6. Вака подготвената пита печете ја во претходно загреана рерна на 180 околу 30 минути или се додека тестото порумени. Печената кростата со џем од јагоди оставете ја неколку часа да се излади, а потоа исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Совети плус:

  • Кростата треба да ја печете во тава со големина бр.28. Ако ја печете во помала тава и ви остане тесто, истото искористете го за уште една пита или пригответе мали колачи.
  • Карактеристично за кростатата е крцкавото, ронливо тесто. По печењето оставете ја неколку часа да се излади, а потоа исечете парчиња по желба. Доколку ви остане, слободно може да ја замрзнете и да ја послужите по потреба.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашни кроасани со мармалад.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: