Куглоф со тиква и цимет

Тиквата е една од ѕвездите на есенското мени, а кога од неа ќе подготвите вкусен десерт тоа ќе биде полн погодок! Од тиквата може да се направат голем број на јадења, солени или слатки! Во оваа прилика ви предлагаме да направите куглоф со тиква и цимет за максимално уживање во вкусовите кои ни ги носи есента.

Би рекле дека е совршен десерт за ладните есенски денови! Лесно се подготвува, а најдобро е тоа што може да го направите во форма по ваша желба. Може и да експериментирате со вкусовите и да додадете печени јаболка за да добиете вистински деликатес!

куглоф со тиква и цимет

Состојки:

  • 400 г печена тиква
  • 400 г брашно
  • 2 јајца
  • 200 г кисела павлака
  • 200 г путер или маргарин на собна температура
  • 1 прашок за пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • кора од лимон
  • 120 г шеќер
  • 1 лажичка цимет

За декорација:

  • бело чоколадо за готвење.

Подготовка:

  1. Тиквата исечкајте ја на парчиња и ставете ја да се печи во загреана рерна на 250 степени околку 30 минути. Откако ќе се испечи, со лажица извадете ја во посебен сад. Со помош на виљушка убаво изгмечете ја за да добиете пире.
  2. Во подлабок сад ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со миксер за да добиете пенеста смеса.
  3. Во смесата додајте ги путерот, павлаката, пирето од тиква, пецивото, циметот и кората од лимон. Матете со миксер и постепено додавајте го брашното.
  4. Калапот за куглоф премачкајте го со путер и посипете малку брашно. Смесата со тиква ставете ја во калапот и печете во загреана рерна на 180 степени околу 50 минути. Испечениот куглоф извадете го од калапот.
  5. Во сад на пареа растопете го чоколадото и прелијте го куглофот.
  6. Изладениот куглоф послужете го со топол чај или кафе. Уживајте!

Совети плус:

  • Наместо во калап за куглоф, смесата може да ја испечете и во тава или калап по ваша желба.
  • По 30 минути од печењето, ако колачот потемни, врз него ставете хартија за печење.
  • За уште подобар вкус, направете пире во комбинација од тиква и печени јаболка. Каква комбинација и да направите колачот ќе биде превкусен. А ако имате ваш предлог за десерт со тиква пишете ни во групата на Сѐ за храна.

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколаден куглоф со чоколадна глазура.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: