Ладна супа Окрошка

Ти треба идеја за брз и вкусен оброк? – Во летните денови поради високите температури сите сакаме лесна храна за која не е потребно многу време за подготовка. Нашата пријателка Анжелика ни предлага одличен летен рецепт кој вреди да се проба. Ладна супа Окрошка, неверојатно вкусна и освежителна!

Дали сте го пробале некогаш овој специјалитет? – Ладна супа Окрошка е познато традиционално јадење на руската кујна и потекнува од регионот на Волга. За време на летниот период не може да се замисли руска трпеза без оваа супа. Секогаш се служи ладна, а ако времето е многу топло, понекогаш, се додаваат и коцки мраз на сервираните порции.

Може да ве интересира и: Ладно предјадење – жетварска чорба.

Ладна супа Окрошка

Состoјки:

  • 50 г чајна
  • 100 г шункова салама
  • 100 г чаден колбас
  • 1 л јогурт
  • 1 краставица
  • 5 компири
  • 3 јајца
  • сенф
  • магдонос
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Компирите и јајцата сварете ги, а потоа исечкајте ги на коцки. Жолчките ставете ги во посебен сад и тргнете ги на страна.
  2. Сувомеснатите производи и краставицата, исто така, исечкајте ги на коцки.
  3. Потоа, сите состојки ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со јогурт. Измешајте.
  4. Во посебен сад, изгмечете ги жолчките со помош на виљушка и додајте сенф. Убаво измешајте и додајте ги во супата.
  5. Ставете сол и црн пипер по вкус и измешајте. Магдоносот ситно исечкајте го и додајте го во супата.
  6. Ставете ја супата во фрижидер да се излади, а потоа послужете ја. На здравје!

Совет плус:

  • По потреба, намалете ја или дуплирајте ја наведената количина на состојки.

Автор на рецептот: Анжелика Димовска (Anzelikagotvi).

Ви препорачуваме да прочитате: Здрави вафли со сладолед од банана.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: