posen maznik so spanak 1

Од кујната на Катерина: Брз рецепт за посен мазник од готови кори

Мојата кујна е како ризница на кулинарски идеи. Уживам кога готвам, а посебно ми е интересно и сакам да смислувам рецепти кои се брзи, лесни и не бараат многу труд. Во зимскиот период, голем број од нас имаат куќни слави, па верувам дека овој испробан рецепт за посен мазник од готови кори и тоа како ќе ви биде корисен. – вели Катерина Шамбевска Спасеновска, фуд блогер и уредник на нашиот сајт. 

Пробајте го, за кратко време ќе имате вкусна радост на трпезата. Да уживаме во светот на вкусовите пријатели! – додава Катерина.

посен мазник од готови кори

Состојки:

  • 1 пакување посни готови кори

Смеса за попрскување:

  • 1 коцка свеж квасец
  • 200-250 мл млака вода
  • ½ чаша брашно
  • малку сол (количина еднаква на рамно мало лажиче)
  • малку шеќер (количина еднаква на рамно мало лажиче).

Дополнително и за фил:

  • масло по потреба на секоја кора
  • околу 400 грама или по потреба чистен спанаќ
  • сусам по потреба.
posen maznik so spanak 2

Подготовка:

  1. Најпрво се припрема смесата за попрскување. Во поголем сад се ставаат квасецот со млаката вода, солта и шеќерот. Се остава околу 10-15 минути на собна температура да нарасне.
  2. Во меѓувреме, исчистете го, измијте го и исечкајте го спанаќот. Сечкајте го на средно крупни парчиња, без претерано притискање за да ја зачува својата свежина и сочност.
  3. Припремете го плехот или тавата во која ќе ги печете, така што ќе го обложите со хартија за печење.
  4. На работна маса се припремете ги корите. Внимателно отворете ги за да не се искршат.
  5. Прво се зема една кора, се раширува и се попрскува со масло по целата површина.
  6. Врз неа се става уште една кора и исто така се попрскува со маслото по целата површина.
  7. Потоа, со помош на лажиче, површината на горната кора се попрскува со смесата со квасецот и водата.
  8. На крај, по целата должина се нанесува од сечканиот спанаќ и со помош на двете раце, се превртува крајот на кората и се витка во ролна. Количината која се става на една кора, препорачливо е да биде барем колку еден грст, а по желба и повеќе. Во овој чекор треба да внимавате да не ја притиснете кората премногу и да оставите доволно „празен простор“ во неа, за да може убаво да се испечи и да има добар изглед.
  9. Постапката се повторува со сите кори, додека се потрошат.
  10. Кога тавата/плехот е полн, со помош на кујнска четка, готовите ролни се премачкуваат со тенок слој на масло и се посипуваат со сусам по желба.
  11. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20-30 минути, или додека мазникот добие убава црвенкаста боја. На здравје!
posen maznik so spanak 3

Препорака од авторот:

За повеќе испробани рецепти разгледајте ги моите профили каде објавувам рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецептите и фотографиите: Катерина Шамбевска Спасеновска@katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Крцкави зачинети прстени од похуван кромид.

Сподели: