крофни за новороденче

2 рецепти за крофни за новороденче

„Ајде да ве почестиме со крофни! Нашиот тим овој месец очекува две новороденчиња, малечки принцези. По тој повод ви припремив превкусни крофни за новороденче кои секогаш ги правам штом имаме нов член во фамилијата. Иако е традиција да ги приготвуваат бабите, сепак љубовта кон подготовката на десертите и нивната декорација ми е голем мотив за и јас да се вклучам во овој убав обичај. Во некои краеви при раѓање на бебето се спремаат мекици. Кај нас во Битола се прават крофни и се честат најблиските кои доаѓаат да честитаат за бебето.

Може да изберете традиционални или печени крофни во апарат, кои подеднакво се вкусни и декоративни. Пригответе ги и поканете ги пријателите, па прославете со филџан топло Браво кафе.“ – вели Марија Кочовска од нашиот тим.

krofni za novorodence

Печени крофни во апарат

Печени, симпатични и вкусни. Вистинска радост за децата! По желба може да додадете какао, кафе, кора од портокал или лимон, рум…

Состојки:

  • 1 јајце
  • 1 лажица шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • ½ ќесичка прашок за печиво
  • 8 лажици брашно
  • ½ чаша јогурт
  • 40 мл масло.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете го јајцето, шеќерот и ванилиниот шеќер. Кратко изматете ги со миксер за да се растопи шеќерот.
  2. Брашното и прашокот за печиво измешајте и додајте ги во садот со јајцето. Во садот додајте ги јогуртот и маслото. Кратко изматете за да се добие хомогена смеса.
  3. Крофните печете ги за време од 4-5 минути во загреаниот апарат. Постапката повторете ја додека се потроши смесата. Крофните оставате ги да се изладат, а потоа декорирајте ги по желба и послужете ги со Браво кафе.
крофни за новороденче

Традиционални крофни за новороденче

Меки и превкусни! Од наведените состојки ќе добиете околу 20-тина крофни со средна големина, па по желба зголемете ги состојките.

Состојки:

  • 500-600 г брашно
  • 1 ќесичка сув квасец
  • 4 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • кора од еден лимон
  • 200 мл млеко
  • 50 мл масло или растопен путер
  • 2 јајца
  • масло за пржење по потреба.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги сувите состојки: брашното, сувиот квасец, ванилата, шеќерот, солта и ренданата кора од лимонот. Измешајте ги со лажица или жица за матење.
  2. Во садот додајте ги млекото, јајцата и маслото. Замесете меко тесто.
  3. Тестото оставете го да нарасне за време од 1 час. Потоа кратко измесете го и исучете кора со дебелина од 1 см. Со помош на калап или чаша исечете крофни. Крофните наредете ги на хартија за печење исечена на квадрати малку поголеми од големината на секоја крофна. Крофните оставете ги да нараснат за време од 45 минути.
  4. Во тенџере на оган, на средна температура ставете поголема количина на масло да се загрее. Во загреаното масло ставете ги крофните да се пржат, така што горната страна треба да биде долу во маслото. Тенџерето покријте ги со капак и пржете ги неколку минути. Штом поруменат свртете ги и продолжете со пржењето уште минута до две. Крофните извадете врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Оставете ги да се изладат и декорирајте ги со фондан. Поканете ги пријателите и прославете го раѓањето на новороденчето со филџан Браво кафе!
крофни за новороденче

Совети плус од авторот:

„Направени со љубов во исчекување на радосниот момент. И за крај би сакала да споделам неколку совети кои ќе ви помогнат да направите совршени крофни.

  • За најдобар резултат важно е состојките како јајцата и млекото да бидат на собна температура.
  • Започнете со месење на 500 г брашно, а по потреба додајте уште малку за да може да се формира тестото.
  • Пржењето на крофните може да биде со или без капак.

И без да имате повод направете ги крофните и засладете се со семејството и пријателите. Прославете го животот и убавите секојдневни моменти. А ако ги направите испратете ми фотографии на моите профили на Facebook и Instagram и следете ме.“

Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска@kocovska.marija.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни матурски колачи со три вкусови.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: