Не случајно го објавуваме овој несекојдневен рецепт за баклава со ореви и цимет. На прв поглед делува слична со другите баклави, но има фантастичен вкус со своја уникатност. Вреди да се проба!
Во народот уште е позната под името грчка баклава. Рецептот кој ни го предложи Сузана Ѓорѓиевска е пробан од повеќе наши пријатели, а нашата соработничка Клара Бос ни испрати и прекрасна фотографија која сме среќни што можеме да ја споделиме со вас, па искрено и се заблагодаруваме за тоа.

Состојки:
- 400 гр готови кори
- 250 гр путер
- 5 јајца
- 8 лажици шеќер
- 200 гр лебни трошки
- 200 гр ситно сечкани ореви
- 200 мл масло
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 ќесичка цимет
- 5 лажици кисела вода.
За шербет:
- 1 л вода
- 1 кг шеќер.
Подготовка:
- Во длабок сад се ставаат белките и се матат со миксер. Во садот постепено се додава шеќерот.
- Штом шеќерот се растопи, во садот се додаваат жолчките и се матат додека се добие убава пенлива смеса.
- Не престанувајќи со матењето, постепено се додава маслото, а потоа и киселата вода.
- Во одделен сад се ставаат оревите, прашокот за печиво, циметот и лебните трошки, се промешуваат и се додаваат кон смесата со јајца. Потоа се мешаат со лажица за да се соединат состојките.
- Путерот се топи на тивок оган. Со растопениот путер се попрскува првата кора. Над неа се става втората кора и повторно се попрскува со растопениот путер. Постапката се повторува и со третата кора.
- Врз третата кора се нанесува од приготвениот фил. Страничните делови од кората, се виткаат кон внатре и се формира ролат.
- Постапката се повторува додека се потрошат корите и филот.
- Ролните од баклава се редат во намрсен плех, се сечат и се попрскуваат со преостанатиот путер.
- Припремената баклава со ореви и цимет се печи на 180 степени, околу 30 минути. Печената баклава се остава да се излади.
- Шербетот се припрема така што во тенџере на оган се ставаат шеќерот и водата. Шербетот се вари додека се постигне убава густина, потоа се остава кратко време да се излади.
- Печената и изладена баклава се полева со шербетот. За најдобри резултати баклавата мора да биде ладна, а шербетот топол.
- На крај, шербетот се остава да се впие во време од неколку часа.
Рецептот го испратил: Клара Бос