Боранијата претставува еден од ретките зеленчуци кој содржи малку калории и тоа само 23 калории во 100 грама, а од друга страна содржи многу железо и други вредни состојки како што се калиум, калциум, фосфор, магнезиум и цинк.
Боранијата за зимница најчесто се замрзува, но често се случува да поприми мирис од замрзнувачот. Затоа ви претставуваме рецепт за припрема на боранија во тегли, без конзерванс и без да се промени нејзиниот вкус. Боранијата би требало што почесто да биде дел од исхраната на здравите луѓе, но исто така и на оние кои имаат проблем со покачен крвен притисок, шеќер во крвта и холестерол. Па затоа, складирајте си боранија за во зимскиот период кога нема да биде достапна на пазарите.

Состојки:
- 3 кг боранија
- 2 литри вода
- 4 лажици сол.
Подготовка:
- Боранијата исчистете ја, измијте ја и пресечете ја на половина или помали парчиња.
- Исечената боранија ставете ја во чисти и суви стаклени тегли.
- Водата ставете ја во тенџере на оган на висока температура. Тенџерето поклопете го со капак, а штом водата зоврие додајте ја солта и измешајте. Исклучете го шпоретот и оставете ја водата кратко да се излади.
- Во теглите со боранија, налејте од топлата вода и затворате ги со метални капаци.
- Во големо тенџере или шерпа, ставете кујнска крпа на дното, наредете ги теглите и ставете млака вода, така што капаците да бидат непокриени со водата.
- Тенџерето ставете го на оган и почекајте водата да зоврие. Штом водата зоврие, варете ја боранијата 25 минути на тивок оган.
- Потоа, тргнете го тенџерето од огнот и оставете ги теглите да се изладат за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
- Изладените тегли со боранија, извадете ги од водата, избришете ги со крпа и ставете ги со преостаната зимница. Вака приготвената боранија во тегли може да се искористи во период од една година.