Брзи мекици со кисело млеко

Сите обожаваат мекици, но ретко кој сака да ги прави. Но, затоа Катерина ни предлага одличен рецепт за брзи мекици, за кој таа вели: „Ова е рецепт различен од оние класичните мекици, но е доста вкусен и брз, бидејки нема чекање за тестото да стаса, а мекиците воопшто не се мрсни. По желба, мекиците може да се послужат со јогурт, сирење, павлака, мармалад, чоколаден прелив, мед.“

Па ако ви се пријадоа, имате супер рецепт и ајде во кујната!

брзи мекици

Состојки:

  • 250 мл кисело млеко
  • ½ чаша млака вода
  • 2 јајца
  • ½ ќесичка прашок за печиво
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • 100 мл масло
  • 1 лажичка сол
  • прстофат шеќер
  • по потреба брашно (околу 900 -1000 гр)
  • масло за пржење на мекиците.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете ги сите состојки. Замесете средно меко тесто.
  2. На набрашнета површна со сукало, развлечете кора и со поголема чаша или калап вадете кругови од тестото.
  3. Во тенџере на оган ставете поголема количина на масло да се загрее. Во загреаното масло, пржете ги мекиците од двете страни додека поруменат.
  4. Пржените мекици ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Послужете ги топли или ладни, во солена или слатка верзија. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Едноставен рецепт за посни мекици.

Сподели: