„Кој е за екстра чоколадно уживање? – Направив превкусни и брзи чоколадни мафини кои се топат во устата. Се прават за 30-тина минути, сметајќи го и времето за печење, а може да ги понесеш на работа, училиште или да ги послужиш како сладок појадок и десерт.
Состојките за подготовка се едноставни, а комбинацијата совршена. Придобивка плус е тоа што мафините се прават без миксер, па полесно не може да биде. Снимив и видео од подготовката, кое може да го погледнеш малку подолу во текстот. Превкусни се, мора да ги направиш!“ – вели Марија.

Состојки:
- 2 чаши (250 г) Екстра бело брашно од Жито Лукс
- 3/4 до 1 чаша (150 г) шеќер
- ½ чаша (40 г) чоколадно какао
- 1 мала лажичка сода бикарбона
- 1/2 ќесичка (5 г) прашок за печиво
- 200 г чоколадни капки
- 2 големи јајца
- 180 г павлака со 20% на масти
- ½ чаша масло
- ½ чаша млеко
- 1,5 мала лажичка екстракт од ванила.

Подготовка:
- Брашното просејте го.
- Во длабока чинија измешајте ги брашното, шеќерот, какaото, содата бикарбона и 150 г од чоколадниот чипс.
- Во друга длабока чинија ставете ги јајцата, павлаката, маслото, млекото и ванилата. Измешајте ги со жица за матење.
Во садот со сувите состојки додајте ги течните и измешајте со шпатула за да се соединат. - Во калапот за мафини ставете хартиени или силиконски кошнички. Распоредте ја смесата, а потоа од горната страна додајте ги чоколадните капки.
- Печете ги во загреана рерна на 220 степени за време од 5 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и печете ги уште 15 до 16 минути.
- Извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат за време од 10 минути. Потоа извадете ги врз кујнска решетка и оставете ги целосно да се изладат. Уживајте во богатиот чоколаден вкус. На здравје!
Совети плус:
- Јајцата, млекото и павлаката потребно е да бидат на собна темепратура. Извади ги од фрижидер, најмалку 30 минути пред почетокот.
- Важно е смесата кратко да се меша. Ако се меша подолго време, ќе се добијат мафини кои се поцврсти.
- За подготовката користев Екстра бело брашно од Жито Лукс. Долго време го користам и топло го препорачувам како најдобро брашно кое може да се најде кај нас.
- Ако ти се допадна овој рецепт, посети ги моите профили на социјалните мрежи и заследиме: Facebook – Марија Кочовска и Instagram – @kocovska.marija.
Може да те интересира: Од кујната на Марија Кочовска: Брзи американски палачинки.
*Рецептот е поддржан од Жито Лукс.