Кога станува збор за прекрасната букет погача со сирење, која Весна ја прави со голема љубов, мора да ги споделиме нејзините зборови „Погачата ја има во разни варијанти, се надевам овој начин кој е многу брз, ќе ви се допадне. Најдобриот дел е што е преубава и наредните денови, но ако ви остане, исто е вкусна.“
Сирењето, пиперката и кимот не се во рецептот, тоа е по мој вкус, понекогаш додавам нешто друго… Може да ставите по ваш вкус што сакате, додавам и магдoнос, понекогаш маслинки… – додаде Весна.

Состојки:
- 1 квасец
- 1 кг брашно
- 1 јајце
- 16 лажици масло
- 250 мл млеко
- 250 мл млака вода
- 250 гр путер или маргарин
- 1 пиперка
- 250 гр сирење
- 2 лажички ким.
Подготовка:
- Квасецот се подготвува како и вообичаено (со млаката вода, прстофат сол и шеќер, како и брашно од истиот килограм предвиден за месење, за да се добие кашеста смеса).
- Откако ќе нарасне, во садот со квасецот додајте ги и другите состојки, остатокот од брашното, јајцето, маслото, млекото.
- Потоа добро измесете го тестото и оставете го за убаво да нарасне. За оваа доза потребна ви е е голема длабока тава за печење, ако немате, поделете го тестото на два дела, во две тави, секако откако нараснало.
- Расукајте кора со дебелина од 1 до 2 см и премачкајте ја со половина маргарин. Доколку сте го поделиле тестото на два дела, само повторете ја постапката.
- Доколку сакате фил, врз кората додајте сирење и пиперка, претходно исечени на ситни парчиња, или друг фил по вкус.
- Тестото се завиткува во ролат и се расекува со големина која сакате, најчесто тоа зависи од длабочина на тавата за печење.
- Парчињата од ролатот, превртете ги и редете ги во намачканите тави едно до друго, но со мало растојание, а одозгора премачкајте со жолчка, наросете ким и по желба додајте од маргаринот.
- Се пече на 180 степени додека постигне убава боја, а потоа малку се намалува температурата за да се допече внатрешноста.
Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.
Ви препорачуваме да прочитате: Декоративна погача со сирење и спанаќ.