Домашно си е домашно, а и највкусно! Во различните краеви низ Македонија, овој месен специјалитет е познат и како пита, тегната пита, колпите, мазник, а можеби се нарекува и со друго име, кое не го знаеме. А највкусниот мазник со сирење го прави нашата тетка Вера, која ни го прераскажа рецептот.
Овој домашен рецепт за мазник со сирење е повеќе пати испробан во нашата кујна, а одличен за збогатување на трпезата за време на куќни слави, имендени или други свечености. Редовно е на нашата листа на омилени рецепти кои ги приготвуваме секогаш кога ни се каснува нешто месено и вкусни, а најредовен е на нашите куќни слави и имендени. Не двоумете се и пробајте го уште денес!

Состојки:
- 700 грама брашно
- 1/8 од мала коцка квасец
- 1 мала лажичка шеќер
- 100 мл млака вода
- 100 мл масло
- 1 мала лажичка сол
- млака вода по потреба
- 500 грама сирење.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете го квасецот, шеќерот, 1 лажица брашно и млаката вода. Убаво измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Оставете го садот на топло место за време од 5 до 10 минути додека квасецот нарасне.
- Брашното пресејте го со сито.
- Во длабокиот сад ставете ги брашното, маслото, солта и постепено додавајте млака вода по потреба. Замесете меко тесто.
- Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел формирајте топка, а потоа со сукало исучете кора со дијаметар од 15 см. Корите од двете страни премачкајте ги со масло и оставете ги да стојат за време од 30 минути.
- Во меѓувреме, сирењето ставете го во чинија и со помош на виљушка издробете го.
- Потоа, врз масата ставете чаршав. Врз чаршавот истегнете голема тенка кора. Краевите на кората отстранете ги со помош на нож. Кората попрскајте ја со масло и врз неа нанесете од сирењето. Со помош на чаршавот, кората свиткајте ја како ролна, а потоа свиткајте ја во форма на полжав. Постапката повторете ја со сите кори. Вака приготвените кори, ставете ги во претходно намрсена тава. Повторно попрскајте ги корите со малку масло и ставете ја тава во загреана рерна на 250 степени.
- Припремениот домашен мазник со сирење печете го за време од 20 до 25 минути, додека добие убава румена боја. Печениот мазник извадете го од рерната, прекријте го со кујнска крпа и оставете го кратко време да се излади. Потоа, послужете го. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Мазник со готови кори – лесен рецепт.