Ви се досадило од класичните погачи и сакате да пробате нов вкус? Имаме одличен предлог за погача со сирење и спанаќ. Рецептот за оваа несекојдневна погача со сирење и спанаќ ни испрати нашата пријателка Диана од Бугарија. Освен што е многу вкусна, има декоративен изглед па може да се вклопи на сечија свечена трпеза. Ајде да ја пробаме!

Состојки:
- 500 грама брашно
- 1 ќесичка сув квасец
- 1 мала лажичка шеќер
- ½ лажичка сол
- 100 мл масло
- 250 мл топла вода
За фил:
- 1 чаша сирење (смеса од бело меко сирење и крем сирење)
- ½ чаша спанаќ (бланширан или замрзнат)
- 1 лажица лебни трошки
- 1 белка
- сол, црвен пипер по вкус, магданос
- масло и сусам за декорација
- кашкавал.
Подготовка:
- Квасецот разматете го со топла вода.
- Во сад за месење ставете ги брашното, шеќерот, солта, маслото и квасецот. Постепено додавајте вода и замесете средно тврдо тесто.
- Садот покријте го со кујнска крпа и оставете го тестото да нарасне двојно.
- Во меѓувреме направете фил од спанаќот, сирењето, белката, лебните трошки и зачинете по вкус.
- Со помош на сукало од нараснатото тесто, исучете кора со дебелина од 5 мм. Со чаша или кружен калап исечете кругови. Врз секој круг ставете од припремениот фил и оформете ги во форма на чамец, како што е прикажано на сликата.
- Формите редете ги во намрсена тава за печење, една до друга. Потоа, премачкајте ги со разматена жолчка, наросете со сусам и кашкавал по желба.
- Оставете ја погачата со сирење и спанаќ да нарасне уште 15 минути, а потоа печете ја во загреана рерна на 175 до 200 степени, за време од 30 до 35 минути. Печената погача со сирење и спанаќ извадете ја од рерната, премачкајте ја со масло и послужете ја. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Сончоглед погача со сирење и спанаќ.