Имаме нова идеја за уште повкусен василичарски мазник со сирење и спанаќ! Традиционално во Македонија по повод Василица и стара Нова година, во повеќе краеви се прави мазник – вртена пита. Во мазникот се става паричка и се верува дека на тој што ќе му се падне паричката ќе го служи среќата преку целата година.
Обично, мазникот со паричка се врти за ручек време во многу домаќинства. А при тоа, се дели на делови колку што има членови во семејството, еден за господ и плус еден за куќата. И иако, василичарскиот мазник најчесто се прави со дробено сирење или изварка, ви предлагаме како фил да додадете и спанаќ. По желба, филот може да го замените со мелено месо или кисела зелка, како што знаеме дека многумина наши познаници прават.

Состојки:
- 700 г брашно
- 50 мл Брилијант масло или Брилијант Омега 3
- 1 мала лажичка сол
- газирана млака вода по потреба (околу 200 мл)
- 300 грама свеж спанаќ
- 200 грама дробено сирење или изварка по желба
- Брилијант масло за попрскување на корите
- сусам за поросување на корите.
Подготовка:
- Брашното пресејте го со сито.
- Во длабок сад за месење ставете ги брашното, маслото, солта и постепено додавајте ја газираната млака вода. Замесете меко тесто.
- Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел формирајте топка. Од секоја топка со помош на сукало исучете кора со дијаметар од 15 см. Корите од двете страни премачкајте ги со масло и оставете ги да стојат за време од 20 минути.
- Во меѓувреме, спанаќот исчистете го, измијте го и исечете го на ленти со ширина од 1 см. Лентите спанаќ ставете ги во длабок сад и додајте сол. Добро изгмечете го спанаќот со солта.
- Потоа, врз масата ставете стар чаршав. Земете едно парче од тестото и врз чаршавот истегнете голема тенка кора. Краевите на кората отстранете ги со помош на нож. Кората попрскајте ја со Брилијант масло и врз неа нанесете од дробеното сирење и спанаќот. Со помош на чаршавот, кората свиткајте ја како ролна. Ролната свиткајте ја како полжав и ставете ја во претходно намрсена тава.
- Земете ја втората кора. Истегнете ја на чаршавот, отсечете ги краевите, ставете паричка свиткана во алуминиумска фолија и нанесете од филот. Кората свиткајте ја како ролна и поставете ја во продолжение на првата кора во тавата.
- Постапката повторете ја со преостанатите две кори. На крај, корите попрскајте ги со малку масло и сусам (по желба може да користите црн сусам). Тавата ставете ја да се печи во загреана рерна на 250 степени.
- Припремениот мазник со сирење и спанаќ печете го за време од 20 до 25 минути, додека добие убава румена боја. Печениот мазник извадете го од рерната, прекријте го со кујнска крпа и оставете го кратко време да се излади. Потоа, исечете парчиња, свртете го три пати спротивно насоката на часовникот и започнете со барање на паричката. Уживајте во светот на вкусовите со Витаминка. Среќни празници и на здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Брз рецепт за посен мазник од готови кори.
*Комерцијален рецепт