„Неверојатно е вкусна, а полесна погача немате направено! Сигурна сум дека ве интересира како постигнав да е превкусна, брза и лесна за подготовка, па топло препорачувам да го пробате мојот рецепт за Велигденска венец погача. Мека како памук и декорирана со желе бонбони, идеална за празничната трпеза!“ – срдечно споделува Катерина од нашиот тим и ви препорачува да ја пробате што поскоро нејзината лесна Велигденска погача.
“Ги охрабрувам и најнеискусните да пробаат, а во описот подолу ќе ви ставам детални инструкции.“ – додава Катерина Шамбевска Спасеновска, фуд блогер и уредник на sezahrana.mk.


Состојки:
За тесто:
- 1 ќесичка сув квасец
- 3 лажици шеќер
- прстофат сол
- 125 мл млака вода
- 125 млако млеко
- 125 масло
- 1 ќесичка ванилин шеќер од Фантазија
- 500 г брашно.
Додаток:
- 100 г желе бонбони Дониа.


Подготовка:
- Состојките за тестото ставете ги во сад за месење. Започнете прво од сувите состојки, додајте ги сите, измешајте со лажица, а потоа додајте ги и течните состојки. Убаво измешајте со лажицата, а откако малку ќе се оформи, месете со раце додека добиете меко и мазно тесто.
- Добро измесеното тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 30-40 минути, зависно од собната температура.
- Во меѓувреме исечкајте ги желе бонбоните на мали коцки и оставете ги во посебен сад.
- Надојденото тесто може да го оформувате на 2 начини. Полесниот е, ако од целото тесто одеднаш оформите правоаголна форма (јас ја оформувам со раце, а можете и со сукало/оклагија) и врз неа ги распоредите коцките од желе бонбони, па да пресечете со нож по должина и од двата дела да оформите 2 ролни повторни свиткани по должина. Или, ако имате желба, поделете го тестото на 2 дела, па поединечно правете правоаголници, редете од коцките од желе бонбони и потоа оформете ги ролните исто по должина. Јас правев по првиот метод кој ви го опишав и резултатот може да го видите на сликите, супер излезе. Важно е ролните убаво да ги затворите кога ќе завршите со виткањето, за желето да не излегува надвор од тестото.
- Со раце, ролните нежно растегнете ги и завртете ги една врз друга за да оформите венче.
- Јас печев во кружен калап претходно обложен со хартија за печење, а ако немате, можете да печете во обичен плех, обложен со хартија.
- Вака припремената Велигденска венец погача, ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 170-180 степени, за време од 35 до 40 минути, зависно од вашата рерна. А, по потреба, намалете ја температурата на 150 степени, на половина од печењето.

Ако ви се допадна рецептот, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:
- Instagram: @katerina.shambevska
- Facebook: Katerina Sambevska Spasenovska.
Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Велигденска „Зајко“ торта без печење со кори од Винчини.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Поддржан рецепт.