Фантазија од вкусови, преточени во мало и слатко ремек дело кое ќе ја краси вашата празнична трпеза. Нека Велигденските празници бидат повод да го пробате и да ги изненадите вашите најблиски со вкусен куглоф со мармалад.
Направете ги велигденските празници уште послатки и понеодоливи и пробајте го нашиот нов рецепт за куглоф со мармалад. Сочен, мек и ароматичен ќе ве освои уште на првиот залак. Богатиот вкус на мармаладот од кајсии, надополнет со арома на портокал и ванила ќе ве тераат да го правите ова слатко уживање повторно и повторно. Па, запишете си го рецептов во вашите тетратки со рецепти, зошто сигурни сме дека ќе стане дел од вашата семејна неделна традиција. Совршено го надополнува вкусот на кафето, чајот, какаото или млекото, па ќе стане верен пријател на сите од најмали до најстари.

Состојки:
- 100 г шеќер
- 250 г брашно
- 1 лажичка прашок за печиво
- 1 лажичка сода бикарбона
- ¼ лажичка сол
- 3 јајца
- 240 мл масло
- 240 мл млеко измешани со 1 лажица свежо цеден сок од лимон
- 250 г мармалад од кајсии
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 лажица рум
- рендана кора од еден портокал
- 150 г сечкани суви кајсии
- 80 г сечкани ореви.
За глазура:
- 200 грама бело чоколадо за готвење
- зелена прехранбена боја.
За декорација:
- шеќерни цветови по желба
- чоколадни јајца по желба.

Подготовка:
- Во длабок сад додајте ги шеќерот, брашното, прашокот за печиво, содата бикарбона и солта и добро измешајте.
- Во друг сад со помош на миксер изматете ги јајцата и маслото. Во садот со јајцата додајте ја смесата со брашно. На крај додајте ги млекото измешано со лимонот (претходно да стои 5 минути), мармаладот, ванилиниот шеќер, румот и кората од портокал кој претходно сте го чувале во вода со сода бикарбона. Добро измешајте за да добиете хомогена смеса.
- Сувите кајсии и оревите исечкајте ги и додајте ги во тестото за куглоф. Со помош на шпатула кратко промешајте ги сите состојки со цел кајсиите и оревите добро да се распоредат во смесата.
- Калапот за куглоф премачкајте го со путер и посипете го со брашно. Во вака подготвениот калап ставете го подготвеното тесто за куглоф.
- Печете во претходно загреана рерна на 170 степени околу 60 минути. По потреба печете дополнителни 10 минути. Печениот куглоф оставете го да се излади во калапот околу 10 минути, па потоа извадете го и ставете го врз решеткаста подлога. Оставете го да се излади.
- Во меѓувреме подгответе ја глазурата. Најдобро е да користите зелено чоколадо за готвење и само да го растопите. Ако не можете да најдете, искористете бело чоколадо кое ќе го растопите на пареа. Штом се растопи додајте течна зелена прехранбена боја и измешајте.
- Изладениот куглоф прелијте го со топлата глазура и декорирајте го по желба со велигденски мотиви. Може да користете чоколадни јајца или малечки шеќерни цветови.
- Откако куглофот добро ќе се излади исечете го на парчиња и послужете со чаша чај или кафе. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Италијанска пита – кростата со џем од јагоди.