Имаме нов одличен рецепт за вкусен десерт! Водени кифли со мармалад кои одлично ќе го надополнат вашето попладневно кафе со пријателките. Кифличките ги подготви нашата пријателка Славица, која со задоволство го сподели рецептот во групата на Сѐ за храна.
Таа вели: „Овој пат решив да ви откријам еден постар рецепт за кифлички од тесто кое расте полека и на ладно. Имајќи предвид дека порано немало фрижидери, домаќинките тестото го ставале во кофа со ладна вода и го спуштале во длабочината на ладниот бунар. Според мене, ова е рецепт за кој вреди секоја потрошена минута во кујната. Овие водени кифли со мармалад се топат во уста и ви препорачувам да ги пробате во прва прилика.“ А повеќе слики од начинот на подготовката може да погледнете тука.

Состојки:
- 20 г квасец
- 1 лажица брашно
- 1 лажица шеќер
- 200 мл млако млеко
- 200 г свинска маст
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 лажичка сол
- 400 г брашно.
За филување:
- мармалад по вкус.
За валање:
- шеќер во прав.
Подготовка:
- Во сад ставете ги квасецот, шеќерот, брашното и млекото. Убаво измешајте и оставете 10 минути за да се активира квасецот.
- Потоа, додајте ја свинската маст и миксирајте за да се соединат состојките. Додајте ванилин шеќер, 400 г брашно и сол и замесете меко, нелепливо тесто.
- Добиеното тесто ставете го во крпа, замотајте го и убаво заврзете го со конец. Ставете го во подлабок сад, до половина полн со ладна вода. Покријте го одозгора и оставете го во ладна просторија 2-3 часа.
- Извадете го тестото од садот на набрашнета површина. Формирајте топка и поделете ја на два дела. Земете го едниот дел и на набрашнета површина расукајте кора во форма на круг со дијаметар околу 40 cm. Кората исечете ја на 16 делови.
- На секој дел ставете половина лажичка мармалад и формирајте кифличка. Кифличките редете ги во тава обложена со хартија за печење. Покријте ги со кујнска крпа и оставете ги 40 минути на топло. Постапката повторете ја и со другата половина од тестото.
- Кифличките ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, додека поруменат (околу 25 минути).
- Готовите кифлички извалајте ги во шеќер во прав и послужете ги. На здравје!
Совет плус од авторот:
- Наместо во ладна вода, тестото може да го ставите во најлонска кеса и да го оставите во фрижидер неколку часа, а најдобро преку ноќ.
Автор на рецепт: Славица Атанасовска.
Ви предлагаме да прочитате: Фритули со јаболко.