Чурос се шпански крцкави крофни во форма на стапчиња. Рецептот го најдовме кај нашата пријателка Ана Наумовска (baked_with_love_by_ana), па решивме да го споделиме со вас. Превкусен крцкав десерт кој се подготвува лесно и се служи со растопено чоколадо.
Неодоливите извиени ленти од крцкаво пржено тесто се омилена улична храна во Шпанија. Се наросуваат со мешавина од шеќер и цимет, па се потопуваат во течно чоколадо. Овие чурос крофни најчесто се јадат за појадок или ужинка во комбинација со омиленото кафе. А ако сте вешти во кујната и сакате да го објавиме вашиот омилен рецепт, пишете ни на Facebook, Instagram или на меил: info@sezahrana.mk

Состојки:
- 235 мл вода
- 115 гр путер
- прстофат сол
- 115 гр брашно
- 3 јајца.
За наросување:
- шеќер
- цимет по желба.
За декорација:
- свежи јагоди по желба.
Состојки за сосот:
- 500 мл млеко
- 1 лажица нишесте (густин)
- 125 гр темно чоколадо
- 50 гр шеќер.
Подготовка:
- Во тенџере на тивок оган ставете ги водата, путерот и солта. Кога путерот ќе се растопи и почне да врие, додајте го брашното. Постојано мешајте додека смесата се соедини и се оддели од тенџерето.
- Потоа, тенџерето тргнете го од оган. Додавајте ги јајцата едно по едно и мешајте. Смесата можете и да ја измиксирате со перките за тесто. Треба да добиете мазна, леплива и изедначена смеса.
- Смесата ставете ја во готварски шприц со тркалезен отвор и направете ленти. Лентите можете да ги испечете во апаратче за чурос или да ги испржите. Ако лентите ги пржите, користете готварски шприц со ѕвездест отвор.
- Откако лентите ќе ги испечете или испржите наросете ги со шеќер или со шеќер и цимет по желба.
- Во помал сад ставете 250 мл млеко, нишесте и шеќер. Убаво измешајте.
- Во помало тенџере ставете го преостанатото млеко и чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека чоколадото се растопи.
- Откако чоколадото ќе се растопи додајте ја смесата со млеко и нишесте. Варете со постојано мешање додека смесата се згусти. Ако после 5 минути, смесата не се згусти, додајте уште малку нишесте.
- Топлите чурос крофни послужете ги со топол чоколаден сос и јагоди по желба. На здравје!
Автор на рецептот: Ана Наумовска (baked_with_love_by_ana).
Ви препорачуваме да прочитате: Најдобриот испробан рецепт за домашни крофни.