фондан за торта

Домашен фондан за торта и колачи со шеќер во прав

Оваа фондан маса е направена на база на мед и желатин, без глицерин. Многу едноставно се приготвува, само треба да се внимава на количината на состојките кои се користат, особено медот, желатинот и маргаринот, а шеќерот се додава постепено, додека се добие фондан кој не е леплив, а не е и премногу сув.

Вака направениот фондан може да се користи во рок од 3 месеци, доколку се чува во херметички затворена ќеса во фрижидер. Со текот на чувањето фонданот се стврднува. За да го размекнете,  ставете го во микробранова печка на средна температура за време од 10 секунди, а доколку е потребно повторно ставете го уште 10 секунди.

фондан

Состојки:

  • 50 грама маргарин
  • 30 мл вода
  • 5 грама желатин
  • 1 лажица светол мед
  • околу 600 грама шеќер во прав.

Подготовка:

  1. Во мала чаша ставете ја водата и додајте го желатинот. Измешајте и оставете го желатинот за време од 10 минути.
  2. Во меѓувреме во тенџере на оган на ниска температура ставете го медот да се загрее. Штом медот се загреал и е течен, во тенџерето додајте го маргаринот. Мешајте континуирано со дрвена лажица додека маргаринот се растопи.
  3. Штом маргаринот и медот се соединат, во тенџерето додајте го желатинот и мешајте додека се целосно растопи. Потоа, тенџерето тргнете го од огнот.
  4. Во сад за месење ставете половина од шеќерот во прав. Додајте ја смесата со желатин и измешајте добро со лажица. Доколку сакате да добиете фондан во боја, додајте прехранбена боја во избор.
  5. Постепено додавајте го преостанатиот шеќер и продолжете со месење со рака.
  6. Работната маса попрскајте ја со шеќер во прав. Врз неа ставете го фонданот и продолжете со месење, додека постане не леплив. Наведената количина на фондан е доволна за да обложите една торта, а ако ви остане може да направите различни фигури и да ја завршите декорацијата.

Ви предлагаме да прочитате: Медена торта.

Сподели: