Домашна Пеперони пица

Мммм…пица! Зарем постои човек на светот што не го обожава ова ремек дело на италијанската кујна? Топло и убаво испечено тесто во фурна, доматен сос, оригано, кашкавал што топи во устата и месни додатоци кои го даваат вистинскиот мирис и шмек. Станавте гладни зар не? Еве еден предлог за познатата Пеперони пица, кој сигурно ќе ви се допадне. 

Можеби често пати сте ја јаделе оваа пица по рестораните, а сега може да ја направите дома!

домашна пеперони пица

Состојки:

  • 1 лажичка сув квасец
  • ½ чаша млака вода
  • 1 лажица брашно
  • 1 ¼ чаша брашно
  • 1 лажичка маслиново масло
  • ½ мала лажичка сол.

За фил:

  • 50 – 100 мл кечап
  • 150 грама кашкавал
  • 150 грама свежи шампињони
  • 100 грама шунка
  • 100 грама кулен или чаен колбас
  • 4-8 чери домати или 1 поголем домат
  • оригано по вкус
  • 10-тина листови свеж босилек.

Подготовка:

  1. Во мал сад ставете ги млаката вода, сувиот квасец и додајте една лажица брашно. Добро измешајте со лажица и оставете го квасецот да нарасне за време од неколку минути.
  2. Во подлабок сад за месење ставете една чаша брашно, сол по вкус, маслиново масло и нараснатиот квасец. Од оваа смеса замесете тесто. По потреба додајте уште малку брашно, за да добиете меко, лепливо тесто.
  3. Тестото обликувајте го во облик на топка.
  4. Садот во кој го месевте тестото, намрсете го.
  5. Тестото ставете го во намрсениот сад, покријте го со кујнска крпа и оставете го да отстои 15 минути.
  6. Работната површина, наросете ја со брашно.
  7. Ставете го тестото и со помош на рацете обликувајте го во големина на тавата за печење.
  8. Тавата обложете ја со хартија за печење. Ставете ја кората во тавата.
  9. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 220 степени.
  10. Кашкавалот изрендајте го на крупната страна од рендето. Печурките исечете ги на листови. Шунката исечете ја на парчиња. Куленот исечете го на тенки листови. Доматите исечете ги на половина.
  11. Тестото премачкајте го со кечап и наросете оригано. Потоа, наредете ги сечканите печурки, саламата, куленот и сечканите домати. На крај додајте го ренданиот кашкавал.
  12. Вака подготвената пица печете ја околу 17-18 минути, додека нејзините рабови поруменат.
  13. Топлата Пеперони пица исечете ја на парчиња и послужете ја со сечкан свеж босилек. Добар апетит!

Ви предлагаме да прочитате: Посна пица со туна и печурки.

Сподели: