Совршени за пикник или за ужинка на училиште, овие домашни лепчиња за сендвичи ќе ви станат омилени! Во комбинација со домашно подготвени ќофтиња, ќе добиете вистинско гурманско уживање за сите сетила.
Можете да ги направите со интегрално брашно, поросите со здрави семиња и да добиете здрави земички за секој оброк. Додајте вегетаријански ќофтиња и многу салата, па уживајте во хранливиот оброк кој ќе ги задоволи сите нутритивни потреби. Пробајте некој од овие рецепти за ќофтиња со тиквичка или пак побарајте некоја друга идеја за здрави плескавици и уживајте во вкусен домашен и здрав сендвич.

Состојки:
- 500 г брашно (може да направите комбинација по 250 г интегрално и 250 г бело брашно)
- 1 лажичка сол
- ½ лажичка шеќер
- 1 лажичка сув квасец
- 1 јајце
- 100 мл масло
- 300 мл топло млеко.
За премачкување:
- 1 јајце
- сусам, ленено семе, семки од сончоглед или други семиња по желба.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги дел од брашното, квасецот, шеќерот, солта, млекото и јајцето, и замесете тесто.
- Постепено додавајте од брашното додека замесите меко тесто. Потоа, садот покријте го со најлонска фолија, за да не се формира кора на површината и оставете го тестото да нарасне за време од 20-тина минути.
- Потоа, тестото преместете го на набршанета работна површина и премесете го.
Оформете 12 топчиња и наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Готовите земички оставете ги да нараснат на топло место околу 20 минути. - На крај, премачкајте ги со разматено јајце и поросете ги со семки по желба.
- Лепчињата печете ги во загреана рерна на 190 степени околу 25-30 минути. По 15-тина минути од печењето, прекријте ги со хартија за печење или алуминиумска фолија за да не изгорат.
- Готовите лепчиња за сендвичи може да ги јадете самостојно или да ги направите бургери. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Хроно лепчиња со семиња.