Инспирирани од љубовта кон прошетките и желбата да се зачува здравиот животен стил, баравме начин, како да креираме нешто што треба да исполни повеќе критериуми. Да трае, да биде вкусно и наредниот ден, а исто така да е лесно за носење и чување. Оттука и идејата да го овековечиме моментот на уживање, па го фотографираме нашето здраво пикник лепче. Ние избравме да си го надополниме уживањето и во преносно мини фрижидерче си понесовме и кисело млеко и павлака. Убаво си замезивме и задоволни од вкусното дружење, со радост го споделуваме рецептот со вас!
Нема бело брашно, а беше сочно и вкусно за јадење. Го бендисаа и најмалите. Без разлика дали станува збор за излети, кампирање, за долги патувања, одлично е за секаде.

Може да ве интересира: Брза проја со јогурт и сирење.
Состојки:
- 1/2 чаша интегрално ржано брашно
- 1 и 1/ 2 чаша пченкарно брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 2-3 чаши сечкан спанаќ (прилагодете по вкус)
- 1 и 1/ 2 чаша рендано сирење
- 4 јајца
- 1 и 1/2 чаша нискомаслен јогурт со 1.5 % млечна маст
- 30 мл масло
- сол по вкус (зависно од тоа колку е солено сирењето).
Подготовка:
- Прво припремете го спанаќот. Измијте го и ситно исечкајте го.
- Сирењето изрендајте го и додајте го во садот со претходно припремениот спанаќ.
- Во тава со големина бр 30. ставете хартија за печење, за да ви биде спремна за подоцна.
- Јајцата матете ги со миксер за време од 5 до 7 минути, додека се згуснат, а потоа во садот додајте го нискомаслениот јогурт, маслото и промешајте со лажица.
- Додајте ги спанаќот и сирењето, посолете по вкус и измешајте.
- Во одделен сад ставете ги ржаното и пченкарното брашно, прашокот за печиво и со лажица измешајте ги. Откако сте ги измешале, додајте ги во садот со јајцата и смесата за пикник лепчето е готова.
- Кога е добро соединета и спремна, турете ја во претходно припремената тава за печење.
- Печете во загреана рерна на 180 степени, додека површината зарумени и на проба со дрвена чепкалка не останува ништо. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Безглутенска солена торта со урда и зеленчук.