Интерконтинентал торта со ореви и лешници

Интерконтинентал торта со ореви и лешници

Дали досега сте пробале интерконтинентал торта? Таа е една од највкусните, па ако ја немате направено, сега имате супер рецепт кој ни доаѓа од кујната на Невена. Тортата е идеална за секакви сечени прилики, родендени, матури, свадби…

Сите кои ја пробале ја обожаваат, а карактеристична е по тоа што се прави со 3 слоеви на крем со различен вкус. А Невена ни ја предлага оваа убава торта со фил од лешници, бело чоколадо и кафе. Топ комбинација за максимално засладување!

интерконтинентал торта

Состојки:

  • 10 белки
  • 10 лажици шеќер
  • 2 лажици масло
  • 4 лажици брашно
  • 13 лажици мелени ореви
  • 2 лажички прашок за печиво.

Фил:

  • 10 жолчки
  • 200 гр шеќер
  • 500 мл млеко
  • 4 полни лажици густин
  • 1 полна лажица брашно
  • 180-200 гр путер собна температура
  • 50 гр бело чоколадо стопена над пареа и изладено
  • 100 гр мелени лешници
  • 1 лажица инстант кафе.

Подготовка:

  1. Белките со шеќерот изматете ги со миксер во цврст снег. Исклучете го миксерот и додајте ги маслото, оревите, брашното и прашокот за печиво. Измешајте со шпатула да се изедначи смесата.
  2. Смесата за пандишпанот ставете ја во плех намачкан со масло и посипан со брашно. Израмнете ја и ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. Печениот пандишпан оставете го да се излади.
  3. Додека пандишпанот се пече, започнете со подготовка на филот. Млекото со половина од шеќерот ставете ги да зовријат.
  4. Жолчките изматете ги со другата половина од шеќерот, брашното и густинот да нема грутчиња па додајте ги во зовриеното млеко. Сварете густ пудинг. Тргнете го настрана и покриен оставете го да излади.
  5. Путерот изматете го со миксер. Во садот со путерот постепено додајте го варениот пудингот и продолжете со миксирање додека кремот убаво се изедначи и биде мазен.
  6. Готовиот фил поделете го на три дела. Во едниот додајте го кафето, во вториот дел мелените лешници, а во третиот растопеното чоколадо. Убаво изматете ги да се изедначат во кремот.
  7. Ставете ги во фрижидер малку да се стегнат пред да ја филувате тортата затоа што при работа кремот малку се пушта.
  8. Пандишпанот исечете го на три еднакви ленти. На подлога за торта ставете една лента премачкајте ја со филот од лешници, па друга лента – фил со кафе, трета лента – фил со чоколадо. Или редоследот на филовите можете сами да го одредите. Целата торта премачкајте ја и украсете ја со слатка павлака.
  9. Пред да ја сечите, готовата интерконтинентал торта оставете ја во фрижидер убаво да се стегне. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадна торта со јагоди и слатка павлака.

Сподели: