козињак

Козињак (милиброд) со суво грозје и портокал

Козињак, милиброд или плетенка, под кое име и да го наречете, овој вкусен и симпатичен специјалитет од тесто освојува со еден залак. Ви предлагаме да го направите нашиот испробан рецепт за козињак со суво грозје и портокал, па да ги израдувате домашните и пријателките.

козињак

Состојки:

  • 250 гр шеќер
  • 150 гр суво грозје
  • 2 ванили
  • 1 портокал
  • 250 мл масло
  • 250 мл млеко
  • 4 јајца
  • 2 коцки квасец
  • 1,2 кг брашно

Подготовка:

  1. Квасецот се става во длабок сад. Во садот додаваме една мала лажичка шеќер, малку млака вода и една лажица брашно. Смесата ја мешаме и оставаме квасецот да нарасне.
  2. Во садот со нараснатиот  квасец ги додаваме брашното, маслото, јајцата, млекото, шеќерот, изренданата кора од портокал и ванилите. Убаво го месиме тестото и оставаме да нарасне.
  3. Додека тестото нараснува, сувото грозје се попарува со вриена вода, се цеди и се става во сокот од портокал.
  4. Тестото се размесуваме и се дели на 4 топки.
  5. Секоја топка се дели на три дела, па од секој дел се формира ролна, во чија средина се става суво грозје.
  6. На крај, трите ролни се плетат како плетенка.
  7. Плетенките се оставаат да нараснат и се премачкуваат со смеса од изматено јајце и една лажичка шеќер во прав.
  8. Откако плетенките нараснале убаво, припремениот козињак се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, за време од околу 20 минути, па се допекува уште 20 минути на 160 степени.

Козињак или милиброд е омилен и препознатлив знак на Велигденските празници, а секогаш посакуван од сите генерации. Не пропуштајте да се засладите со домашно подготвен вкус и овој пат!

Рецептот го испратил: Даниела Џогова

Сподели: