За да имате фантастичен доручек припремете си вкусни колачи со рогач и какао и уживајте заедно со чаша топло кафе. Ако ви останат, замрзнете ги, па кога ќе одите на излет или ви се најавиле гости, само загрејте ги и уживајте во мирисот на свежо печени колачиња.
Во последно време се повеќе се зборува за придобивките од рогачот како здрава намирница. Ако имате набавено и го користите само за подготовка на кафе или напиток од рогач, време е да го пробате овој рецепт кој ни доаѓа од кујната на Лана. Вкусни се и крцкави, па штом ги дегустирате еднаш сигурно ќе посакате да ги направите повторно.
Состојки:
- 600 г брашно
- 25 г свеж квасец
- 1 лажичка сол
- 2 жолчки
- 300 мл млеко (половина може да е вода)
- 2-3 лажици масло
- 200 г путер (или маргарин)
- 1 јајце за премачкување.
За фил:
- 100 г мелен рогач
- 2 белки
- 2 лажици какао
- 60 г шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 1 лажичка цимет
- прстофат мелено каранфилче.
Подготовка:
- Квасецот ставете го во ½ чаша топло млеко и измешајте го. Додајте една лажица шеќер и една лажица брашно, и повторно измешајте. Чашата ставете ја на топло и оставете го квасецот да нарасне.
- Во длабок сад измешајте ги брашното и солта. Додајте ги нараснатиот квасец, жолчките, малку масло и замесете тесто. Постепено додавајте од млакото млеко, а по потреба додајте уште брашно или вода.
- Тестото вратете го во садот за месење, покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне за време од 15 до 20 минути.
- Тестото исучете го во правоаголна кора и на средината ставете ја „таблата“ од путер. За да направите „табла“, целиот путер ставете го помеѓу два листа хартија за печење (претходно набрашнети) и исучете го. Постапката погледнете ја на блогот на Лана, на овој линк.
- Тестото преклопете го преку путерот како книга, па уште на половина и оставете го во фрижидер за време од половина час.
- Потоа кората повторно исучете ја и преклопете ја, па оставете го тестото да одмара уште 30 минути. Истата постапка повторете ја по трет пат, а четвртиот пат филовајте ја.
- За да го подготвите филот, потребно ви е рогачот, какаото, шеќерот, ванилиниот шеќер, циметот, белките и каранфилчето да ги измешате заедно. Ако смесата ви е многу густа разредете ја со малку млеко.
- Кората исучете ја во форма на правоаголник. Со филот премачкајте ја едната половина, а другата половина преклопете.
- Така преклопентото тесто исечете го на ленти широки околу 1 см и секоја свиткајте ја како спирала, а потоа како полжавче. Наредете ги во плех и оставете ги да одморат додека се загрева рерната.
- Пред да се печат, полжавчињата намачкајте ги со изматено јајце и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 до 25 минути.
- Печените колачи со рогач оставете ги да се изладат, а пред сервирање послужете ги со шеќер во прав.
Ви препорачуваме да прочитате: Полжавчиња со спанаќ и сирење.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.