Јаболка, цимет и јаткасти плодови, соединети во слатка комбинација за екстра уживање! Помеѓу другите рецепти кои со голема љубов ги припрема Катерина, можеме да кажеме дека овој колач со јаболка и цимет ни остави впечаток, па го споделуваме со вас.
Ако и вие ја обожавате фантастичната арома на печени јаболка и цимет, веднаш одете во кујната и фатете се за работа. За кратко време ќе може да го вкусите овој колач кој одлично ви се надополнил со шолја кафе.
Состојки:
- 300 грама брашно
- 130 грама омекнат путер
- 1 јајце
- 1 жолчка
- 100 грама шеќер
- ½ ќесичка прашок за печиво
- прстофат сол
- 2 јаболка
- ½ лажичка цимет
- 30 гр пињоли (во замена може да користите бадеми или ореви)
- 35 гр бадеми
- 35 гр ореви.
Фил:
- 1 јајце
- 50 грама омекнат путер
- 120 мл млеко
- 50 грама брашно
- 100 грама шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер.
Подготовка:
- Во подлабок сад ставете ги пресеаното брашно, путерот, јајцето, жолчката, шеќерот, прашокот за печиво и солта. Од наведените состојки замесете тесто.
- Меѓу 2 листа хартија за печење со помош на сукало развлечете го тестото во кружна кора.
- Садот за печење премачкајте го со путер и набрашнете го. Ставете го тестото и избоцкајте со виљушка.
- Јаболката излупете ги и исечете ги на тенки кришки.
- Врз тестото наредете ги исечените јаболката и посипете ги со цимет.
- Во сад на оган ставете го млекото, шеќерот и ванилата. Откако шеќерот ќе почне да се топи додајте го јајцето и путерот. Потоа, постепено додавајте го брашното и мешајте додека смесата се згусти.
- Приготвениот фил нанесете го врз јаболката.Над филот нанесете ги пињолите и крупно сецканите бадеми и ореви.
- Колачот печете го во загреана рерна на 180 степени, за време од 35 до 40 минути. Печениот колач со јаболка, цимет и јаткасти плодови, оставете го да се излади, а потоа послужете го. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошеска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Брза торта со јаболка.