Брза, лесна и многу вкусна салата ни доаѓа од кујната на Невена. Многумина од нас обожаваат компир салата, а сега може да пробаат нов вкус со прелив од кисело млеко, сенф, маслиново масло и млад кромид како дополнување на вкусот.
Невена вели дека може да ја послужите како салата за мезе, предјадење или прилог со парче месо. Па ајде да ја пробаме!

Состојки:
- 4-5 средни компири
- 150 г кисело млеко
- 2 млади зелени кромидчиња
- 1 лажиче мајонез
- 1 лажиче сенф
- 1 лажиче киселина јаболкова
- 2 големи лажици маслиново масло
- по вкус сол и црн пипер.
Подготовка:
- Компирите измијте ги и ставете ги во тенџере со вода на оган да се варат. Варените компири, извадете ги од тенџерето и оставете ги да се изладат.
- Додека се ладат компирите, припремете го преливот од киселото млеко.
- Кромидот ситно исечкајте го и ставете го во сад. Во садот со кромидот додајте го киселото млеко, мајонезот, сенфот, јаболковата киселина, маслиновото масло, посолете по вкус и наросете мелен црн пипер. Состојките за преливот добро измешајте ги за да се добие хомогена смеса. Садот покријте го со капак или транспарентна фолија и оставете го додека се ладат компирите.
- Ладните компири излупете ги, исечете ги на коцки, посолете ги и измешајте ги. Компирите ставете ги врз чинија за сервирање, а одозгора нанесете го преливот. Готовата компир салата може да ја декорирате со маслинки или магдонос по ваша желба. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска