Драги наши читатели, со првото интервју на Феријан ја започнуваме новата рубрика на sezahrana.mk! Секој месец ќе може да ги запознаете и да прочитате по нешто за најактивните љубители на храната на интернет. Ги покануваме да се пријават и ја раскажат својата кулинарска приказна сите активни членки од групата на Сѐ за храна, како и активните и заинтересирани интернет „раскажувачи“ од останатите групи, админите, блогерите и влогерите и интересентите за новини од областа на храната!
Па, ајде да започнеме и да ја запознаеме Феријан!

Се вели дека љубовта кон храната е наследна, дали се сложуваш со тоа и кој е твојот идол за готвење?
Мојот идол отсекогаш биле баба ми, мајка ми и тетка ми. Би рекла дека сите мои блиски убаво готват, па тие вештини ги наследив и јас. Уште од мала ме научија да сукам и сега немам никаков проблем со сукањето.
Феријан, често споделуваш различни рецепти од македонската и турската кујна. Кои се твоите омилени јадења?
За турската кујна имав само слушнато. Благодарение на социјалните мрежи научив многу рецепти. Понекогаш кога ќе видам нешто да готват, не гледам колку е часот туку веднаш станувам и го приготвувам. Турската кујна е посебна, а од последните јадења кои ги приготвив можам да ги издвојам кадаиф со крем, распукани колачиња, како и гурабиите со сирење кои често правам.
Дали може да ни откриеш која е тајната на совршената баклава?
Тајната на совршената баклава е во тоа што корите се сукаат многу тенки една по една и се сушат на чаршаф, а за тоа е потребно повеќе време за подготовка. Во последно гледам некои сукаат по 5 кори заедно и не ги сушат. Тогаш баклавата ќе биде помека и корите нема да се листаат.
Феријан, основач си на групата Битолската софра. Од каде потекна идејата за креирање на оваа група?
Тоа што сум го зготвила сакам да го сликам и да им го прикажам на другите, па така се роди идејата да ја отворам групата Битолска софра. Знаев дека ќе успеам, а само за месец дена групата брои над 10 000 членки. Многу сум среќна кога гледам разни постови од другите членки, а тоа кажува дека битолчанките многу готват и се вешти во кујната.
Која е твојата препорака за читателите на Сѐ за храна?
На вашите читатели им препорачувам да ве следат, бидејќи сте најдобри. Во сите ваши рецепти нема грешка. Сѐ ви е испробано и секогаш сте тука да помогнете доколку треба!
На крај би сакала да го споделам рецептот за Кадаиф со крем.
Кадаиф со крем по рецепт на Феријан Мифтароска
Состојки:
- 200 грама кадаиф
- 100 грама путер
- 200 грама сечкани ореви
- 5-6 лажици шеќер
- 1 литар млеко
- 4 лажици брашно
- 3 лажици нишесте
- 1 жолчка
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 100 мл слатка павлака.
Подготовка:
- Во тава се пржи кадаифот со путерот. Во тавата се додаваат сечканите ореви и 5-6 лажици шеќер. Кога кадаифот ќе порумени, тавата се трга од огнот.
- Во тенџере на оган се става 800 мл млеко да се вари. Во друг сад се мешаат брашното, скробот, жолчката и ванилиниот шеќер. Во садот со брашното се додаваат 200 мл млеко и се меша.
- Во зовриеното млеко се додава смесата со брашното и се меша додека се добие густ крем. Тенџерето се трга од оган и се додава 100 мл слатка павлака.
- Во правоаголна тепсија се става половина од кадаифот и се додава филот. Над филот се става преостанатиот кадаиф. Тавата се става во фрижидер за време од еден до два часа. Потоа се сече на парчиња и се сервира. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Гласајте за Сѐ за храна да биде најдобар сајт за Храна и здравје за 2019.