Ледени коцки со цимет

Катерина М ги прави најубавите, сочни, вкусни ледени коцки кои се омилениот десерт на многумина. Сигурно и вие се сложувате со нас, а благодарение на неа ќе можеме пријатно да се освежиме во топлите летни денови. Овој сладок десерт е многу лесен и едноставен за подготовка, а додатокот на цимет го надополнува прекрасниот вкус. Браво Кате!

ледени коцки

Состојки:

  • 7 јајца
  • 7 лажици шеќер
  • 3 лажици какао
  • 7 лажици брашно
  • 1 лажичка цимет
  • прстофат мелено каранфилче
  • на врв на лажичка прашок за печиво.

Крем од ванила:

  • 1 литар млеко
  • 9 лажици шеќер
  • 9 лажици густин (скроб, нишесте)
  • 250 грама маргарин (во замена може да користите путер)
  • 250 грама шеќер во прав
  • 1 ќесичка ванилин шеќер.

Шербет:

  • 300 мл вода
  • 300 гр шеќер.

Чоколадна глазура:

  • 150 гр чоколадо за готвење
  • 2 лажици шеќер
  • 4 лажици вода
  • 2-3 лажици масло.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Изматете ги пенесто за да се растопи шеќерот.
  2. Во длабока чинија измешајте ги брашното, какаото, циметот, каранфилчето и прашокот за печиво. Од смесата со брашното, постепено додавајте во изматените јајца и мешајте со жица за матење. Смесата за пандишпан истурете ја во правоаголен плех, претходно премачкан со масло и набрашнет.
  3. Печете на во загреена рерна на 180 степени. Испечениот пандишпан оставете убаво да се излади.
  4. Во меѓувреме подгответе го филот. Во тенџере на оган ставете го млекото и шеќерот. Густинот растворете го со малку млеко. Откако шеќерот ќе се растопи додајте го густинот и мешајте додека кремот се згусти. На крај додајте го ванилиниот шеќер. Тенџерето тргнете го од оган и оставете кремот да се излади.
  5. Во сад за матење ставете го маргаринот и шеќерот во прав. Изматете ги за да се добие хомогена смеса, а потоа додајте ги во тенџерето со кремот. Изматете добро.
  6. Во друго тенџере на оган ставете ја водата и шеќерот да провријат, за време од 3 до 4 минути. Шербетот оставете го кратко да се излади и попарете го изладениот пандишпан. Потоа, врз пандишпанот нанесете го кремот.
  7. Во сад на оган ставете го чоколадото, шеќерот, водата и маслото да се растопат. Чоколадната глазура нанесете ја врз кремот и оставете го колачот преку ноќ да отстои во фрижидер. Изладените ледени коцки со цимет сервирајте ги и послужете. На здравје!

Рецептот го испратил Катерина Милошевска Глигороска

Сподели: