Иако зимата ни пристигна, тоа не значи дека не можеме да си подготвиме по некој вкусен мармалад или џем. Пазарите и маркетите сега изобилуваат со цитрусни овошја, па така се роди идејата за овој рецепт. Одвојте малку време и пробајте го вкусниот мармалад од портокали и лимони.
Овој мармалад ќе ги развесели утринските појадоци со неговиот совршен вкус. Може да го комбинирате со путер на парче леб или со палачинки. Совршено се вклопува со многу десерти, а на вас останува да го припремите и да уживате во неговиот интересен, цитрусен вкус.

Состојки:
- 700 грама портокали
- сок од 2 лимони
- 1 кг кафеав шеќер или по вкус.
Подготовка:
- Портокалите и лимоните добро измијте ги. Бидејќи за подготовка на овој рецепт може да ја користите кората ви предлагаме пред подготовката да ги оставите најмалку 20-тина минути во вода со сода бикарбона.
- Исцедете го сокот од лимоните и портокалите. Кората исечете ја на помали парчиња. Остатоците од цедењето ставете ги во стерилна газа. Газата заврзете ја со конец, а потоа ставете ја во сад во кој сте ставиле 60 мл вода. Во садот ставете ја и сечканата кора. Оставете ја кората и газата да стојат во водата за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
- Во експрес лонец турете го цедениот сок од овошјето, водата и кората од портокалите. Газата со пулпата добро исцедете ја во лонецот.
- Ставете го поклопецот и варете ја течноста за време од 10-15 минути, во зависност од дебелината на кората.
- Лонецот оставете го да се излади на собна температура. Потоа, додајте го шеќерот. Промешајте со лажица додека се стопи шеќерот.
- Покачете ја температурата на шпоретот, со цел мармаладот брзо да зоврие, притоа лонецот нека ви биде отворен и со помош на лажица отстранувајте ја пената.
- Варете го мармаладот додека ја достигне посакуваната густина.
- Варениот мармалад од портокали и лимони оставете го кратко да се подизлади на собна температура, па ставете го во чисти и стерилни тегли. Теглите со мармалад добро затворете ги и оставете ги да се изладат во целост.
Ви предлагаме да прочитате: Џем од лимони.