Мали и слатки, создадени да ги задоволат и најпребирливите. Извонредната комбинација на портокал и бадеми, преточена во мали колачиња. Па, драги читатели ако сакате да се заблажите со нешто сочно и вкусно, пробајте ги овие мали мафини со портокал и бадеми.
Подготовката е едноставна, направете ги и поканете ги најблиските на дегустација!

Состојки:
- 125 гр омекнат путер
- 75 гр шеќер
- 1 голем портокал (кората се ренда ситно, а сокот се цеди)
- 2 јајца на собна температура
- 1 чаша брашно
- ½ ќесичка прашок за печиво
- 100 гр мелени бадеми
- шеќер во прав за декорација.
Подготовка:
- Пуштете ја рерната да се загрева на температура од 180 степени.
- Калапот за мафини намрсете го или пак во празнините ставете хартиени корпици за колачи. За подготовка на овие мали мафини најдобро е да користите калат со поголем број на празнини, така што капацитетот на една празнина да биде 2 лажици.
- Во сад за матење ставете ги путерот, шеќерот и ренданата кора од портокал. Изматете со миксер за време од 3 до 5 минути додека се добие хомогена и густа смеса.
- Во садот додајте го едното јајца и продолжете со матењето. Потоа, додајте го и другото јајце. Изматете за да се добие хомогена смеса.
- Брашното, прашокот за печиво и мелените бадеми ставете ги во длабок сад. Измешајте ги со лажица.
- Во садот со матените јајца и путерот, додајте го цедениот сок од портокал. Потоа, постепено додавајте од смесата со брашното и мешајте со лажица додека состојките се соединат.
- Од смесата ставајте во калапот, така што потребно е да пополните ¾ од висината на празнините или хартиените корпици.
- Мафините ставете ги да се печат во загреаната рерна за време од 10 до 15 минути. По потреба и во зависниот од големината на калапот за мафини, продолжете со печењето.
- Печените мафини со портокал и бадеми оставете ги да се изладат за време од 5 минути, а потоа извадете ги од калапот.
- Оставете ги целосно да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Овесни мафини со јаболка без брашно.