Совршен спој на чоколадо, ореви и брусница, за супер слатко уживање! Нашите автори се едни од најкреативните готвачи во кујната и секојдневно приготвуваат најубави домашни рецепти. Овој пат на предлог од Катерина го споделуваме рецептот за мафини со чоколадо, ореви и брусница.
Има многу причини зошто ги обожаваме мафините, било тоа да се слатки или солени. Речиси секогаш лесно се приготвуваат, не се лепат на тавата и имаат совршен изглед.

Состојки:
- 3 јајца
- 180 гр кафеав шеќер
- 150 гр путер
- 100 гр млечно чоколадо
- 130 гр пченично брашно
- 100 гр брашно од хељда (во замена може да користите пченично брашно)
- 60 гр ореви
- 50 гр сува брусница
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- ½ ќесичка прашок за печиво.
За посипување:
- по потреба шеќер во прав.
Подготовка:
- Во сад на пареа ставете го чоколадото и путерот. Мешајте ги додека се растопат.
- Откако ќе се растопат, садот тргнете го од огнот и оставете ја чоколадната смеса кратко да се излади.
- Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
- Во длабока чинија измешајте ги двата вида брашно и прашокот за печиво. Потоа, додајте ги во садот со изматените јајца. Измешајте убаво со жица за матење.
- Во садот, додајте го растопеното чоколадо со путер. Измешајте ја убаво смесата, па додајте ги крупно сечканите ореви и брусницата. Повторно измешајте.
- Во секоја вдлабнатина од калапот за мафини ставете од смесата. Калапот ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени, за време од 20 до 25 минути.
- Испечените мафини со чоколадо оставете ги малку да се изладат, а потоа посипете ги со шеќер во прав. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Брзи мафини со путер од кикирики.