Овие вкусни новогодишни ѕвезди со цимет и лешници со сигурност ќе ја разубават секоја празнична трпеза. Тие воодушевуваат не само со убавиот изглед, туку и со својот вкус. Прочитајте ги состојките од кои се направени и веднаш ќе ви стане јасно колку се тие фини и прекрасни.
Интересно за овие колачиња е тоа што пред да ги послужите се препорачува малку да отстојат завиткани во алуминиумска фолија или во лимена кутија за колачи. Тоа е важно за да омекнат и добијат подобар вкус. Најдобро е да ги припремите неколку дена пред празниците, бидејќи денот кога ќе ги направите се малку тврди. Но, ова нека не ве обесхрабрува. Направете ги и уживајте во богатиот вкус на лешник и цимет за време на празниците со вашите најблиски.

Состојки:
- 3 белки од јајце
- 250 грама шеќер во прав
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 лажица цимет во прав
- 400 грама неизлупени, мелени лешници.
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги белките. Изматете ги со миксер додека добиете цврста пена. Совет плус: Белките се доволно изматени кога ќе можете со нож да сечете низ нив, а притоа пената нема да се спојува.
- Во вака изматената пена постепено додајте го шеќерот во прав и продолжете со матењето.
- Од добиената смеса тргнете настрана две полни лажици кои подоцна ќе ги искористите.
- Во преостанатите белки постепено додајте ги ванилиниот шеќер, циметот и околу 150 грама од мелените лешници. Притоа, матете ја смесата со миксер на најголема брзина.
- Продолжете да мешате со лажица и додајте ги преостанатите лешници.
- Работната маса поросете ја со шеќер во прав и развлечете кора со дебелина од 1 см од тестото.
- Со помош на калапчиња во облик на ѕвезда, извадете форми од тестото. Доколку тестото ви се лепи на калапот, олеснете си ја работата така што калапот ќе го потопувате во сад во вода.
- Наредете ги колачињата на плех кој претходно сте го обложиле со мрсна хартија за печење.
- Секоја ѕвезда премачкајте ја со малку белка, која ја издвоите на почетокот за таа намена. Доколку дел од белките се разлее на страна избришете ја со малку вода.
- Вака подготвените колачи, печете ги во загреана рерна на 140 степени за време од околу 25 минути.
- Печените ѕвезди оставете ги да се изладат. Завиткајте ги во алуминиумска фолија или пак наредете го во лимена кутија за да омекнат. Готовите новогодишни ѕвезди послужете ги на празничната трпеза.
Ви предлагаме да прочитате: Божиќни колачи од бисквити со тиква.