Веќе сме го спомнале италијанскиот готвач Gennaro Contaldo, кој направи вкусна „револуција“ кога станува збор за уживањето во тестенините или подобро речено шпагетите. Го создаде и освои светот со својот рецепт за карбонара шпагети!
Постојат различни варијации на истиот, а добро познатиот класичен рецепт е испробан и многу пофален и од добро познатиот на сите нас Џејми Оливер, кој важи за амбасадор на храната во светот, па знаеме дека нема промашување и слободно може да го пробаме!

Состојки:
- 200 гр шпагети
- 3 жолчки од од поголеми јајца (по можност од природно одгледана живина)
- 40 гр рендан пармезан + за сервирање
- 150 гр сланина или панцета
- 1 чешне лук
- екстра девствено маслиново масло
- црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Шпагетите варете ги во посолена вода која врие, додека станат малку меки, односно да бидат „ал денте“.
- Во меѓувреме, ставете ги жолчките од јајце во длабок сад и со помош на виљушка, убаво измешајте ги со пармезанот.
- Зачинете со црн пипер и повторно измешајте со виљушката.
- Сланината или панцетата исечкајте ја на ситни парчиња и малку запржете ја на тивок оган со 1 лажица масло. Тоа ќе му даде фантастичен вкус на јадењето.
- Лукот излупете го, па притиснете го со дланката и запржете го во малку масло околу 1 минута. Тоа направете го во истиот сад, заедно со панцетата, така што неа ќе и бидат доволни околу 4 минути за да стане крцкава и уште повкусна. Добро притиснете го лукот додека е во тавата за да испушти арома во сосот, а потоа отстранете го и тргнете ја тавата од огност. По желба може да го иситните и така да го запржите со сланината или панцетата и да го оставите во состав на јадењето.
- Додајте малку од водата во која се вареле шпагетите колку за да се оформи сосот (количината треба да биде доволна за шпагетите да бидат сјајни и добрро намачкани со сосот), зачинете со црн пипер, турете ги претходно измешаните јајца со пармезанот, па додајте ги и исцедените шпагети.
- Сервирајте со поросен рендан пармезан и уште малку црн пипер за декорација. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Шпагети карбонара по италијански рецепт.