модри патлиџани со изварка

Панирани модри патлиџани со изварка и јајце

Кога станува збор за креативни и лесни рецепти, можеме да кажеме дека Диана е една од најдобрите балкански блогерки. Овој пат ни приготви интересен рецепт за панирани модри патлиџани со изварка и јајце.

Модриот патлиџан често се користи во турската кујна. А токму таа и беше инспирација на Диана во приготвувањето на овој рецепт кој уште се нарекува бурек од модар патлиџан. Вака приготвените залчиња може да ги послужите со млечен сос или свежа зелена салата.

панирани модри патиџани

Состојки:

  • 1 модар патлиџан со средна големина
  • 150 грама изварка
  • 1 јајце
  • 1 лажица пченкарен скроб (нишесте)
  • 1 лажица ситно сечкан копар
  • сол и црн пипер по вкус
  • масло за пржење по потреба.

Подготовка:

  1. Модриот патлиџан се лупи вертикално со 4 до 5 ленти. Потоа се сечи на кругови со дебелина од околу 1 см. Парчињата од модар патлиџан се ставаат во посолена вода за време од 20 минути. Потоа се цедат и сушат со кујнска хартија.
  2. Во длабок сад се ставаат изварката, јајцето, нишестето, копарот, солта и црниот пипер. Се мешаат убаво со лажица додека се добие хомогена смеса.
  3. Од смесата со изварка се формираат полутопки кои се поставуваат врз парчињата од модар патлиџан.
  4. Во подлабоко тенџере се става масло да се загрее. Во загреаното масло се ставаат парчињата модар патлиџан со изварка да се пржат. Прво се ставаат од страната на модриот патлиџан, а потоа се пржат од страната со изварката и јајцето.
  5. Пржените модри патлиџани со изварка се вадат врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  6. Се сервираат додека се топли со млечен сос, копар и свежи зачини. Освен топли, може да ги послужите и ладни како мезе. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Мини пици од модар патлиџан.

Сподели: