Може да ги јадете со солен или благ фил по желба! Инспирирана од познатиот Рудолф, вредната Клара ги направи овие вкусни перничиња.
Еве што вели Клара за овој рецепт: „Едноставни, но многу вкусни. Се мешаат и со благо и со солено. Ненормално воздушести во внатрешната страна и што е исто така многу битно за ваквите прженици, воопшто, ама воопшто не се мрсни. Кога еднаш ќе ги пробате ќе ги обожавате засекогаш и ќе станат вашите омилени, стандардни пржени перничиња. Благодарение на Рудолф, во мое издание, повелете постапката“.

Состојки:
- 10 гр свеж квасец
- 45 мл топла вода
- 1 лажичка шеќер
- 300 гр брашно
- ½ лажичка сол
- 3 јајца
- 50 гр путер или маргарин на собна температура
- масло за пржење по потреба.
Подготовка:
- Ставете го квасецот во млаката вода и додајте го шеќерот. Измешајте за да се растопи квасецот, а потоа оставете го за време од 5 минути да се активира.
- Во сад за месење, ставете го брашното, солта, јајцата и путерот.
- Додајте го квасецот, па измесете глатко тесто.
- Тестото оформете го во кора со големина од една чинија, набрашнете го, замотајте го во најлонска фолија и оставете го во фрижидер 2 часа.
- На набрашнета работна површина исукајте тенка кора. Исечете ја кората на коцки.
- Во тенџере на оган ставете поголема количина на масло да се загрее.
- Ставајте од коцките тесто во добро загреано масло, бидејќи ако не е, нема да се надуваат перничињата. Пржете ги кратко време и на брзо превртете ги, па потоа ставете ги врз хартиена салфетка.
- Наполнете ги со чоколаден крем, со вашиот омилен намаз, салата, како што се погоди кај мене, руската, или едноставно јадете ги како ви е мерак. Служете ги топли, иако и ладни се одлични. На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви предлагаме да прочитате: Брзи мекици со кисело млеко.