Е ваква торта со макарони немаме пробано! А креативноста на нашите автори во кујната е фантастична. Овој пат, Невена ни предлага рецепт за солена торта со макарони. Звучи интересно, нели?
Еве што вели таа за овој рецепт: „Да ви претставам една лична, вкусна и декоративна солена торта. Едноставна и лесна за подготовка. Печената солена торта со макарони се служи и топла и ладна, секако е убава.“

Состојки:
- 1 (230 гр) лист готово лиснато тесто
- 150 гр ситни макарони
- 100 гр замрзнат грашок
- 2 средни моркови
- 100 гр шунка или печеница
- 100 гр кашкавал
- 3 лажици пченка.
Прелив:
- 3 средни јајца
- 300 гр кисела павлака.
Подготовка:
- Морковите излупете ги, исечкајте ги на мали коцки.
- Во тенџере на оган ставете поголема количина на вода да се вари. Во зовриената вода додајте сол, макароните, сечканите моркови и грашокот. Варете ги за време од 8 до 10 минути или како што е наведено на пакувањето на макароните.
- Потоа исцедете ги и оставете ги да оладат.
- Шунката или печеницата исечкајте ги на мали коцки, а кашкавалот изрендајте го на ситно. Заедно со пченката додајте ги во макароните и заедно измешајте.
- Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени.
- Во тава бр. 26 ставете го лиснатото тесто заедно со хартијата (доколку со лиснатото тесто нема хартија, поставете хартија за печење врз тавата). Избоцкајте го со вилушка.
- Ставете ја смесата со макарони и израмнете.
- Јајцата изматете ги со виљушка, додајте ја киселата павлака и повторно изматете ги да се изедначат. Со лажица рамномерно насекаде распоредете го преливот. Краевите од тестото малку свиткајте ги над филот.
- Тавата ставете ја да се пече околу 40 минути или додека преливот се зацврсти, а краевите од тестото добијат кремаста боја. Печената солена торта со макарони извадете ја од рерната и оставете ја кратко да се излади. Послужете ја додека е топла. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Солена торта со компири и кашкавал.