Солена торта со компири и кашкавал

Рецепт за превкусна солена торта со компири и кашкавал ни доаѓа од кујната на Катерина! Драги пријатели, оваа торта мора да се проба.

Може да ја направите за појадок и да ја послужите со чаша јогурт. А ако ви се најавиле пријателите, поставете ја во чинии и послужете ја како вкусно мезе. Комбинацијата на состојки ветува одличен вкус, а Катерина ни кажа дека тортата е многу сочна, па препорачува секој да ја проба.

солена торта со компири

Состојки:

  • 600 гр компири
  • 300 гр брашно
  • 3 јајца
  • 150 гр кашкавал
  • 1 филџан (од 130мл) млеко
  • 60 гр омекнат путер
  • 150 гр чајна
  • 12 гр свеж квасец
  • 1 неполна лажичка сол.

Подготовка:

  1. Компирите излупете ги и ставете ги да се варат. Откако ќе се сварат испасирајте ги и оставете да се подоладат. Постапката за најбрзо варење на компири, прочитајте ја тука.
  2. Во длабок сад за месење ставете го квасецот и млекото. Измешајте за да се растопи квасецот, па додајте ги во компирите.
  3. Во длабока чинија ставете ги брашното и солта, па измешајте.
  4. Потоа, во садот со компирите додајте го брашното измешано со солта, јајцата и омекнатиот путер исечен на коцки.
  5. Замесете го тестото. Ќе добиете многу меко скоро течно лепливо тесто.
  6. Садот со тестото покријте го со кујнска крпа и оставете да нарасне за време од 1 час и 30 минути.
  7. Откако тестото ќе нарасне, додајте ги чајната и кашкавалот исечени на мали коцки.
  8. Убаво со лажица измешајте го тестото за да се соедни со состојките, а потоа префрлете го во калап обложен со хартија за печење.
  9. Покријте го калапот со кујнска крпа и оставете тортата да нарасне уште 1 до 1 час и 30 минути.
  10. Калапот со тортата ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 45 минути.
  11. Испечената солена торта со компири и кашкавал оставете ја да кратко да се излади, а потоа сечете парчиња и послужете ја. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигоровска.

Ви предлагаме да прочитате: Солена торта со коцки леб.

Сподели: