Може да кажеме дека крофните се едни од најубавите десерти и ретко кој може да одолее! Сигурно сте слушнале и знаете дека пржените крофни се многу калорични. Тоа ни беше мотивација да најдеме рецепт за печени крофни кои подеднакво ќе бидат вкусни како и пржените, но ќе имаат помалку калории.
Па, во оваа прилика ви го претставуваме рецептот за печени крофни со јаболка и цимет! Подготовката е многу лесна и едноставна. Пробајте ги и не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднале.

Состојки:
- 2 чаши брашно
- ¾ чаша шеќер
- 2 мали лажички прашок за печиво
- прстофат сол
- ½ чаша сок од јаболка (блендирани и процедени јаболка)
- ¼ чаша млеко
- 2 јајца
- 1 мала лажичка екстракт од ванила
- 1 лажица растопен путер.
За глазура:
- ¼ чаша бел шеќер
- ¼ чаша кафеав шеќер
- 1 лажица цимет
- 2 лажици растопен путер.
Подготовка:
- Пуштете ја рерната да се загрева на 165 степени.
- Калапот за крофни намрсете го.
- Во голем сад измешајте ги брашното, шеќерот, печивото и солта.
- Јајцата ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер додека се добие густа смеса.
- Во друг сад ставете ги сокот од јаболка, млекото, јајцата, екстрактот од ванила и растопениот путер. Измешајте ги со жица за матење додека добите хомогена смеса. Во садот со брашното додадете ја смесата со сокот од јаболка и добро измешајте.
- Во секоја чашка од калапот ставајте од смесата по ¾ од висината.
- Калапот ставете го да се пече во загреаната рерна за време од 8 до 10 минути. Кога крофните ќе се испечат, оставете ги да се малку изладат во калапот, а потоа извадете ги.
- Во чинија измешајте ги белиот шеќер, кафеавиот шеќер и циметот. Секоја крофна натопете ја во растопен путер, а потоа валкајте ја во смесата од шеќер и цимет. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Печени полнети крофни со фил од кафе.